Економија, финансии, бизнис

Контакт

Генералниот секретар на НАТО пристигнува во Скопје – што ќе донесе посетата?

Генералниот секретар на НАТО пристигнува во Скопје – што ќе донесе посетата?
Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен денеска ќе допатува во посета на Скопје. Според најавите, предвидено е да оствари средби со премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за одбрана Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. По средбите, Расмусен и Груевски ќе одржат заедничка пресконференција во Владата. Посетата е дел од пошироката балканска турнеја, во рамките на која генералниот секретар на Алијансата ги посети и Босна и Херцеговина и Црна Гора. Според изјавите дадени во Сараево и Подгорица, неговата посета има за цел да ја нагласи поддршката на НАТО за Балканот. Неговата посета е во клучен момент, особено во пресрет на претстојниот НАТО Самит во Кардиф во септември. Овој самит повторно ги зголемува очекувањата на Македонија за можна покана за членство, особено во контекст на актуелната меѓународна ситуација и случувањата во Украина. Шефот на дипломатијата Попоски, кој на почетокот на месецот учествуваше на конференција на Атлантскиот совет во Вашингтон, тогаш истакна дека очекува проширувањето да се најде на агендата на самитот во Кардиф и оти интерес е на САД проширувањето да се случи. Сепак, претставници на Алијансата и натаму инсистираат дека за одблокирање на македонските евроатлантски интеграции најпрвин мора да има решение на спорот околу името. За ова до септември веројатно ќе има уште еден обид, откако посредникот во македонско-грчкиот спор околу името Метју Нимиц најави дека има намера да го посети регионот на почетокот на јули. „Со оглед на ситуацијата во светот и загриженоста за безбедноста, мислам дека е погодно време лидерствата на двете страни сериозно да размислат дали има нов начин за решавање на овој проблем“, порача Нимиц по неговата последна средба со преговарачите на двете земји. Надежи во посетата на Расмусен гледа и Црна Гора, која иако влезе во Акцискиот план за членство многу подоцна од Македонија, сепак се надева на покана на претстојниот самит на Алијансата. Она што Расмусен го побарал во Подгорица биле реформи за независно судство и владеење на правото, како и исполнување на безбедносните стандарди. Но, во Црна Гора генералниот секретар на Алијансата го дочекаа и протести на граѓани кои се спротивставуваат оваа земја да стане членка на НАТО. Тие со свирежи и антифашистички пароли, ја обвинија Алијансата дека со посетата на генералниот секретар врши предизборен притисок во Црна Гора, во пресрет на важните локални избори за оваа земја. Б.А.
Слично

Поврзани вести