Економија, финансии, бизнис

Контакт

Генерали Инвестментс: Пазарите на капитал се многу турбулентни

Генерали Инвестментс: Пазарите на капитал се многу турбулентни

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

Преглед на моменталните случувања:

Изминатата недела повторно беше доста разновидна, но не донесе значителни промени, бидејќи инвеститорите чекаат што ќе кажат ФЕД и ЕЦБ оваа недела. Главните насоки за 2022 година сè уште не се дефинирани, бидејќи динамиката на постепеното намалување на ликвидноста и каматната политика ќе бидат еден од главните фактори на пазарите во наредната година. Објавената инфлација, која ги надминува прогнозите, исто така предизвикува се поголема загриженост за аналитичарите. Тие сега очекуваат забрзано повлекување на ликвидноста и дури три зголемувања на каматните стапки во САД во 2022 година. ЕЦБ е многу попасивна овде, иако инфлацијата нагло расте во Европа, па дури и вработените во ЕЦБ бараат некаков вид индексирање на платите во согласност со инфлацијата,  слично на она што го знаевме во поранешна Југославија. Сигналите од пазарот на суровини и од другите пазари, исто така, не ветуваат смирување на ситуацијата, особено не на инфлацијата во наредните месеци. Инфлацијата до денес главно се должи на порастот на цените на физичките добра, додека услугите речиси и да не поскапеа. Остануваат логистичките предизвици, цените на гасот и електричната енергија достигнаа нови рекорди во Европа и можеме да очекуваме повисоките трошоци да се прелеат на цените на производите и услугите. Проблем стануваат и цените на ѓубривата, семето и енергенсите кои земјоделците и земјоделските компании ќе ги набавуваат непосредно пред новата сезона. Се очекува поскапување на храната, што ќе создаде големи нерамнотежи, особено во помалку развиените земји, каде што просечниот жител поголем дел од приходите ги троши на храна и основни потреби. Неограниченото печатење пари остава последици, а историјата не учи дека тоа речиси секогаш резултира со повисока инфлација. Пандемијата, исто така, продолжува да се заканува.  Иако се чини дека Омикрон е помалку опасен и смртоносен, во некои земји, како на пр. Велика Британија веќе се најавува дополнително затворање токму во време кога потрошувачите трошат најмногу. Во Германија економскиот институт IFO прогнозира намалување на растот на БДП за 2022 година на 3,7%, при што претходно најавениот раст го „одложи“ за 2023 година. И покрај ослободувањето на банкарските резерви во Кина, а со тоа и подобрување на ликвидноста, нема подобрување во ситуацијата. Проблемите во секторот за недвижности продолжуваат и постојано се среќаваат нови компании за недвижности кои не можат да си ги подмират обврските. Пазарите на капитал затоа се многу турбулентни и нема закрепнување. Кина останува обоена во црвено и е еден од најлошите пазари оваа година. Турција со својата разорна економска политика ја продолжува забрзаната девалвација на турската лира, која е на добар пат да загуби 50% од вредноста во однос на доларот и еврото.

Минатата недела, берзите останаа блиску до историските максимални вредности. Продолжи  нивната ротација –  инвеститорите дополнително ги намалија своите позиции во најпрофитабилните приказни за оваа година, а ги насочија инвестициите во индустриите кои беа разочарувачки. Таков пример е секторот за основна потрошувачка, каде што заканата од раст на земјоделските цени ги намали очекувањата за профитните маржи во 2022 година, но изложеноста на инвеститорите во оваа индустрија е најниска во последните 10 години, што може да значи дека повеќе или помалку сите се откажале. Ваквите инвестиции подоцна може да се покажат како инвестиции со натпросечен принос, па овие акции привлекоа малку поголемо внимание во последната недела. Цената по акција на Apple се искачи на 180 долари, по неколку успешни најави, достигнувајќи 3 трилиони долари. Генерално, акциите на FAANG се покажаа како профитабилна инвестиција оваа година, при што сите освен Amazon забележаа убав двоцифрен раст, само Google заостанува со речиси 70% раст. Инвеститорите во акции од финансискиот сектор се оние на трње, кои можат многу да добијат оваа недела со стегање на ременот од страна на централните банки, но во исто време губат многу ако политиката остане на истиот пат. Покрај акциите од финансискиот сектор, најголема неизвесност покажува и несигурноста на потрошувачите во автомобилската индустрија, како и кај луксузните и трајните добра. Овие компании се поврзани со кинескиот пазар, а промените што се случија таму во последните денови создаваат се поголема неизвесност. Интересно е што и покрај значајното поскапување на струјата и гасот, акциите на компаниите во секторот снабдување не растат. Причините се наоѓаат главно во зголемениот број интервенции на земјите во цените на струјата и гасот, со кои сакаат да го намалат притисокот врз семејните буџети. Но, сепак мислиме дека индустријата нуди скриени можности.

Пазарите на обврзници останаа изненадувачки стабилни во последните две недели, иако податоците за инфлацијата се влошуваат. Се чини дека инвеститорите не веруваат во зголемувањето на каматните стапки и додека зголемената инфлација ги турка реалните приноси сè подлабоко во негатива, очигледната сигурност што ја нудат државните обврзници ги надминува другите инвестициски барања. Доларот, исто така, привремено се стабилизира на околу 1,13 долари за евро, но најверојатно ќе има корекции повторно по објавите од ФЕД и ЕЦБ. Правецот не е јасен, бидејќи зајакнувањето не е само по себе очигледно. Можеби трговците веќе го вклучија и затегнувањето на ликвидноста во девизните курсеви.

Совети за инвеститорите

И покрај потенцијалниот нов вид Омикрон, пазарните движења и понатаму се водени првенствено од очекувањата за нивоата на каматните стапки и ликвидноста која ја обезбедуваат централните банки. Обврзниците се помалку атрактивни, бидејќи приносите прилагодени на инфлацијата се мизерни и главно негативни, а заедно со негативните банкарски приноси, тие продолжуваат да ги принудуваат инвеститорите главно на вложувања во акции и недвижен имот. Диверзификација на портфолијата останува приоритет и препорачливо е портфолиото да се подели на различни класи, меѓу акции, обврзници или пари. Инфлациските очекувања растат, а повисоката инфлација веројатно ќе трае најмалку во текот на целата 2022 година. Акциите на компаниите од технолошкиот сектор и акциите од компаниите поврзани со е-трговија и работата од дома се сегменти за натпросечен раст на работењето кој е заснован на долгорочни трендови, така што тие остануваат привлечни, но неодамнешните резултати, заедно со високите проценки, ги смируваат очекувањата за раст. Инфлацијата и растот на каматните стапки остануваат нивни главни непријатели. Со високите проценки, ризични пандемични случувања и неизвесни идни политики на централните банки, инвеститорите остануваат претпазливи. Инвестициите надвор од технолошкиот сектор остануваат атрактивни поради пониските вреднувања и различните динамики на развојот на индустријата. Секторот енергетика, снабдување и финансии остануваат во прв план, како заштита во случај на инфлација и секако, поради силниот раст на цените на енергијата, што се одразува и во нивните биланси.

Ниските проценки во здравствената индустрија се помалку атрактивни поради реформата на американскиот здравствен систем, но се чини дека реформата ќе биде помалку темелна отколку што се чинеше пред неколку месеци. Меѓу регионите, Европа се издвојува по атрактивност, но заостанува зад САД во однос на растот. Во САД, големата тежина на ИТ компаниите бара поголема претпазливост. Кина, а со тоа и пазарите во развој остануваат ризични поради политичкото мешање, а со тоа и помалку привлечни за  инвеститори со краток инвестициски хоризонт, бидејќи мешањето на политиката во економијата го отежнува предвидувањето на работењето на компаниите, кое е влошено според последните разултати. Но, поради пониските вреднувања, се појавуваат одредени инвестициски можности кај долгорочните инвеститори. За мал дел од портфолиото, добрите приноси од дивиденди и атрактивни проценки го држат привлечен нашиот регион на Централна и Југоисточна Европа. Инвеститорите со долгорочни цели за штедење треба да бидат трпеливи и да продолжат со периодични уплати, додека оние кои би инвестирале поголема сума, истата потребно е да ја распределат на подолг временски период. Дигитализацијата, автоматизацијата, е-трговијата, работата од дома, почистата енергија, работењето во согласност со социјалните и еколошките норми и почитувањето на таканаречените препораки на ESG се долгорочни трендови и фокусирањето на долгорочните трендови гледано историски, се покажа како важна компонента за постигнување натпросечни приноси.

Слично

Поврзани вести