Економија, финансии, бизнис

Контакт

Генерали Инвестментс: Инфлацијата станува фокусна точка за инвестиции и заштеди

Генерали Инвестментс: Инфлацијата станува фокусна точка за инвестиции и заштеди

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

Преглед на моменталните случувања:

Минатата недела состанокот на Федералните резерви на САД помина без поголеми потреси, но ситуацијата на берзите беше сè само не мирна. Aмериканските индекси два последователни дена забележаа прво најголем дневен скок за оваа година, а потоа и пад на вредноста. Минатата среда, првиот човек на Федералните резерви на САД, Jerome Powell, најави пораст на каматните стапки за 0,5% и постепено намалување на билансот на состојба на централната банка во јуни, во согласност со пазарните прогнози и очекувања. Порастот на цените беше поттикнат од говорот на Powell, во кој тој ги оспори шпекулациите за зголемување на основната каматна стапка од 0,75% во следните сесии и увери дека веројатноста за рецесија во американската економија е мала, барем за блиска иднина. Но, веќе следниот ден, расположението на пазарот нагло се промени и го донесе најлошиот ден на американските берзи од почетокот на 2020 година. Бурната недела на Волстрит во петокот заврши во светло на податоците на американскиот пазар на труд кои не покажуваат знаци на успорување на економијата. Сезоната за објавување на кварталните резултати сè уште е во тек. По објавата на скоро 90% од компаниите во индексот S&P 500, просечниот годишен раст на добивката во првиот квартал изнесуваше околу 9%, што е многу подобро од прогнозата. Апсолутен победник во првиот квартал е енергетскиот сектор каде што просечниот годишен раст на добивката изнесува дури 238%.

Меѓу европските компании, минатата недела резултати објави Adidas. Прогнозата за продажба на компанијата се намали значително оваа година, при што добивката за првите три месеци од 2022 падна за речиси 40% во споредба со минатата година. Главна причина беше затворањето на кинеската економија, но генерално најголемите европски компании оставија прилично солиден впечаток во првиот квартал. Прогнозите за следните квартали се помалку оптимистични. Се поверојатно е дека по осум години негативни каматни стапки, Европската централна банка ќе започне циклус на затегнување во јули, што ќе го прошири распонот меѓу германските и периферните европски обврзници и ќе ги загрижи високо задолжените земји кои зависат од програмата за откуп на ЕЦБ обврзници. Од оваа гледна точка, Италија би можела да биде особено проблематична. Во однос на ембаргото на ЕУ за руската нафта, се уште не е постигнат конечен договор меѓу членките. Земјите кои се најзависни од снабдувањето од Русија и најкритички настроени кон предлогот – Унгарија, Словачка и Чешка – се чини дека добиваат дополнително време да најдат алтернативни решенија. Бугарија, исто така, сега сака двегодишен транзициски период до целосна независност од руската нафта. Според тоа, предвидувањата на Von der Leyn за конечен договор се испостави дека се прерано донесени. Војната во Украина останува најголемиот геополитички ризик, кој продолжува да има силно негативно влијание особено врз европските економии, а сè уште не е на повидок било каков прекин на непријателствата. Затоа санкциите остануваат и очигледно ќе се интензивираат.

Останатите големи централни банки на европските земји кои не спаѓаат во еврозоната многу побрзо ја затегнаа монетарната политика. Bank of England, која предупредува дека инфлацијата во Велика Британија оваа година би можела да надмине 10%, ја зголеми основната каматна стапка на 1%, сличен чекор за јуни најавува норвешката централна банка Norges Bank. Каматните стапки рапидно растат и во Полска и Чешка, каде инфлацијата веќе достигнува 10%.

Падот на вредностите на развиените берзи, зголемувањето на бараните приноси кај обврзниците и порастот на американскиот долар се негативни надворешни фактори за пазарите во развој, а вестите од Кина, каде што официјален Пекинг сè уште не најави ослободување на строгите затворања во некои градови, се пооптимистични. Во Кина, овогодинешната потрошувачка за време на 5-дневниот празник беше пониска за 43% од минатата година, а индексите на менаџерите за набавки во април нагло паднаа. Ескалацијата на логистичките проблеми сè повеќе ги загрижува менаџерите за набавки, а до лето и есен се чини дека ќе има реален недостиг на компоненти во американската и европската економија. Сето ова негативно се одрази и врз цените на материјалите, чија цена во последниот месец во просек падна за околу 20%. Но, останува прашањето колкави се вистинските договорни цени за набавки на суровини од големите купувачи и колку е силна нивната врска со флуктуациите на берзата. Сосема е можно или веројатно повисоките цени на суровините од последните шест месеци да се одразат само на долгорочните договори во текот на летото и есента, што дополнително ќе ја стимулира инфлацијата. Наесен не чекаат повисоки сметки кои негативно ќе се одразат на расположението на потрошувачите ширум светот.

СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ:

Геополитичката ситуација и понатаму е многу непредвидлива, ФЕД сè уште ги зголемува каматните стапки поради инфлацијата. Инфлацијата станува фокусна точка за инвестиции и заштеди. Зголемувањето на каматните стапки во САД е неизбежно. Останува отворено прашањето што ќе направи ЕЦБ во услови на зголемена инфлација. Војната, кинеското затворање поради корона и поврзаните нарушувања во логистичките синџири, како и високите цени на енергијата и суровините доведуваат до рецесија, така што централните банки имаат многу помал простор за маневрирање отколку во минатото. Цените на енергијата и суровините продолжуваат да растат или остануваат значително повисоки за разлика од пред 12 месеци. Од друга страна, приносите на банките остануваат негативни, па затоа обврзниците продолжуваат да нудат не многу помали приноси од инфлацијата, а со зголемената инфлација, тие забележаа значителни загуби. Инфлацијата, сепак неодоливо ги голта и банкарските депозити и вложувањата во обврзници. Одбранбениот пристап и разновидното портфолио се клучни за заштита на заштедите во оваа ситуација. Затоа, глобално диверзифицираните капитални инвестиции со комбинација на вложувања во обврзници остануваат најатрактивен избор, бидејќи капиталните инвестиции нудат одредена заштита од инфлација, а задачата на обврзниците е да го намалат ризикот на портфолиото. Акцентот е ставен на развиените пазари, посебно на САД. Tехнолошките акции остануваат интересен избор за долгорочните инвеститори, бидејќи нудат раст на бизнисот и следење на идните трендови, иако моментално се под силен притисок за продажба. Приказната за индустријата на снабдување е сложена поради приврзаноста кон руските енергетски извори, особено гасот, но тука сеуште постојат  можности. Финансиските акции станаа неатрактивни поради повисоката инфлација и пониските очекувања за зголемување на каматните стапки, но со зголемениот притисок дека ЕЦБ ќе мора да преземе нешто, инвеститорите похрабро влегуваат во индустријата. Пред сè, да бидеме истрајни со програмираните уплати, бидејќи историјата нè учи дека ова е убедливо најдобриот пристап за максимизирање на заштедите. Инвестирањата во тешки, предизвикувачки времиња се покажаа како натпросечни во повеќето случаи во период од пет години или повеќе.

Слично

Поврзани вести