Економија, финансии, бизнис

Контакт

Генерали Инвестментс: Инфлацијата ќе трае цела 2022 година

Генерали Инвестментс: Инфлацијата ќе трае цела 2022 година

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

Преглед на моменталните случувања:

Последната недела од октомври беше возбудлива од аспект на политичките случувања, но сепак тоа не влијаеше многу на пазарите во однос на промена на насоките. Секако главниот настан беше состанокот на G20 во Рим, а потоа и самитот за заштита на животна средина во Глазгов. Сè додека политичарите стигнуваат на овие состаноци со приватни авиони, согоруваат огромни количини фосилни горива и им проповедаат на луѓето дека треба да бидат поблаги со животната средина, овие самити со имагинарни цели се чини дека веќе немаат толку голема публика како некогаш. Луѓето се повеќе заинтересирани за секојдневните проблеми како што се инфлацијата, скапите извори на енергија и недостатокот на одредена стока во продавниците. Но, покрај еколошките договори, еден од заклучоците на самитот во Рим беше одобрувањето на глобален корпоративен данок од 15%. Дали тоа на некој начин ќе ги промени билансите на американските технолошки компании, останува да видиме, пазарот засега не гледа проблем во тоа.

Европа продолжува да се справуваат со високите цени на енергијата и како резултат на тоа, се создава нов јаз меѓу оние кои би ја класифицирале нуклеарната енергија како зелена, обновлива и оние кои се силно против оваа класификација. Меѓу вторите се вбројуваат и идни членови на германската влада, која сè уште е во зародиш (и најверојатно ќе биде уште неколку недели).

Сепак, ништо не може да ги запре новите рекордни вредности на берзите. Неизвесноста во економиите расте, а растот на берзите само ја разгорува истата. Главен фактор е политиката на централната банка и шпекулациите за тоа кога и како ќе ја намалат ликвидносната инекција и ќе ги зголемат каматните стапки.

Тековните очекувања во САД одат во насока на два пати раст во 2022 година, додека Лагард и ЕЦБ продолжуваат да комуницираат дека нема да има зголемување на каматните стапки во Европа пред 2023 година. Ваквата континуирана лабава монетарна политика, остриот пораст на цените на суровините – особено енергијата – и проблемите со синџирот на снабдување се фактори кои исто така ги иритираат крајните производи и ја поттикнуваат инфлацијата. Зголемената инфлација и задржувањето на каматните стапки на централната банка ги принудуваат инвеститорите на инвестиции во пазарите на обврзници и акции. Кругот на тој начин е затворен и така функционира веќе некое време. Што може да го прекине овој паричен циклус останува отворено прашање, но засега нема одговор. ФЕД веројатно ќе биде првиот што ќе ја ограничи ликвидноста и ќе ги зголеми каматните стапки кон средината на следната година, но сето тоа веќе е вклучено во девизните курсеви.

Најголема непозната останува инфлацијата, која конечно ја загуби придавката „минлива“. Сè повеќе модели сега ја земаат предвид значително повисоката инфлација од 4% за цела 2022 година. Моќен фактор за високата инфлација се високите цени на енергијата, кои се предвидува дека ќе опстојат најмалку во следните шест месеци. Очигледно, инвеститорите во обврзници и особено во готовински инвестиции ќе мора да се навикнат на загуба во наредните месеци.

Деновиве има интересен развој на настаните во Јапонија, каде парламентарните избори ги редефинираа односите. Победникот на изборите, Либералната партија, освои мнозинство во парламентот, со што се очекува да продолжи лабавата економска политика која има цел инфлацијата да биде поставена на 2%. Инвеститорите го наградија тоа со силен скок на јапонските акции, кои сепак, останаа меѓу помалку профитабилните од почетокот на годината, споредено со Европа и САД.

Од гледна точка на инвеститорите, кинеските акции остануваат со надпросечен ризик и со тоа стануваат помалку привлечни за светските инвеститори, што се одразува на берзанските индекси и нивно заостанување зад другите развиени пазари. Продолжуваат проблемите на пазарот на недвижности. Економскиот раст забавува, а услугите го држат над вода, но во светлина на најновите локални ограничувања, се чини дека Кина може да западне во техничка рецесија.

Резултатите од работењето во последнава недела беа позитивно изненадувачки, особено во Европа и во секторите снабдување, енергија, финансии, материјали, како и здравството и индустријата. Технолошките компании исто така се држат одлично, а предвидувањата на Амазон дека ќе ги покрие повисоките трошоци од резервите за цените на производите и логистиката, што се очекува негативно да влијае на маржите, не предизвикува голема загриженост. Но за тоа ќе видиме. Побарувачката на акциите од Apple се намалува, додека за Tesla расте незапирливо, а Маск е најбогатиот човек на оваа планета. Во наредниве недели не очекуваме значителни промени во динамиката на компаниите, па вниманието ќе биде насочено кон централните банки и нивните потези за повлекување на ликвидноста. Треба да се обрне повеќе внимание на податоците за инфлацијата. Таа е фактор што може прилично да ги измеша картите. Обврзниците, особено долгорочните со рок на доспевање над 10 години, остануваат помалку атрактивни и со негативен тренд, додека односот евро/долар останува стабилен на 1,16 долари за евро.

Совети за инвеститорите:

Насоката на пазарите е диктирана од очекувањата за нивото на каматните стапки и ликвидноста обезбедени од централните банки. Обврзниците се скапи, бидејќи приносите приспособени за инфлациските очекувања се мизерни, главно негативни и заедно со негативните банкарски приноси, инвеститорите продолжуваат да бидат принудени главно на инвестиции во акции и недвижен имот. Диверзификацијата на портфолиото останува приоритет и препорачливо е портфолиото да се подели на различни класи, меѓу акции, обврзници или пари.

Очекувањата за инфлација растат, а повисоката инфлација веројатно ќе трае најмалку цела 2022 година. Технологијата, е-трговијата и акциите на компании за работа од дома се сегменти со натпросечен раст на бизнисот базиран на долгорочни трендови, така што тие остануваат атрактивни, но пониските прогнози со најновите резултати во комбинација со високите вредности ги намалија очекувањата за раст. Инфлацијата останува нивниот главен непријател. Со високите вредности, геополитичките тензии и неизвесните идни политики на централната банка, инвеститорите стануваат повнимателни.

Несигурноста во технолошкиот сектор и азиските пазари се воведува со мешање на кинеските власти во економијата и самата структура и правила на пазарот. Инвестициите надвор од технолошкиот сектор остануваат атрактивни поради пониските вредности и различната динамика на развој на индустријата. Во последните недели, секторите енергетика, снабдување и финансии дојдоа до израз, како заштита од инфлација и се разбира, поради силниот раст на цените на енергијата, што се рефлектира и во нивните биланси. Пониските вредности во здравствената индустрија минатата недела поради обновениот обид за реформа на здравствениот систем во САД ја направија помалку привлечна.

Меѓу регионите, Европа се издвојува по атрактивност, на САД им треба поголема претпазливост поради големата тежина на ИТ компаниите, а Кина и пазарите во развој остануваат ризични поради неодамнешните настани и со тоа помалку привлечни за пократкорочни инвеститори.

За трпеливите долгорочни инвеститори, поради поволните вреднувања, се појавуваат одредени можности за инвестирање. За мал дел од портфолиото, добрите приноси од дивиденда и привлечните вреднувања ја одржуваат атрактивноста на нашиот регион во Централна и Југоисточна Европа. Инвеститорите со долгорочни цели за штедење треба да истраат и да продолжат да вршат периодични плаќања, а оние кои би инвестирале поголем износ, истиот треба да го распоредат во подолг временски период. Дигитализацијата, автоматизацијата, е-трговијата, работа од дома, почистата енергија, водењето бизнис во согласност со општествените и нормите на животната средина и почитувањето на таканаречените препораки за ЕСГ се долгорочни трендови и фокусирањето на долгорочните трендови историски е важна компонента во постигнување на натпросечни приноси.


Слично

Поврзани вести