Генерали инвестментс: Главно прашање во Европа останува снабдувањето со природен гас
Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите. Вложувањата во хартии од вредност продолжија со умерено закрепнување, за европските инвеститори и поради зајакнувањето на доларот.
Преглед на моменталните случувања:
Податоците за јунската инфлација во САД беа во фокусот на инвеститорите на глобалните акциски пазари минатата недела. Во јуни, растот на потрошувачките цени мерено со индексот CPI уште еднаш ги надмина прогнозите на економистите и вредностите од претходниот месец. Инфлацијата во најголемата светска економија за јуни изнесуваше 9,1%. Најследените берзански индекси првично реагираа на податоците со забележителен пад на вредноста, но кон крајот на неделното тргување, на Вол Стрит се чувствуваше оптимизам. Падовите на главните индекси на неделно ниво беа ограничени главно од податоците за продажбата на мало, која во јуни се зголеми за 1% и покрај намалената куповна моќ. Главниот двигател на економскиот раст во САД – личната потрошувачка – засега останува поотпорна од очекуваното, што за жал не го поттикнува само економскиот раст, туку и инфлацијата. Тоа, според некои прогнози, треба конечно да се смири овој месец, пред се поради пониските цени на енергетските производи, кои во јуни придонесоа со дури 42% во вкупната годишна инфлација. Инфлациските очекувања на потрошувачите исто така благо се ублажија, но прелевањето на повисоките влезни трошоци во готовите производи и нагорниот притисок врз платите само што започна. Очекувањата дека конечниот врв на инфлацијата ќе се достигне во јуни, се земаат со резерва, ќе треба да се почека барем до есен, кога ќе биде појасно колку значајно ќе биде влијанието на ембаргото на ЕУ за руската нафта врз цените на енергијата и пред се, дали мерките на централните банки ќе бидат доволни за да ја успорат инфлациската спирала.
Минатата недела започна сезоната на објава на квартални резултати, а како и обично први започнаа најголемите американски банки, кои оставија измешан впечаток. 72 компании во рамките на индексот S&P 500 ги објавуваат резултатите оваа недела, а инвеститорите главно ќе гледаат како компаниите се справуваат со инфлацијата и деловните очекувања за наредните месеци во светло на општата претпазливост на пазарот.
Главно прашање во Европа останува снабдувањето со природен гас за оваа есен. На самитот на ЕУ итно се бараат алтернативи за руски гас, но тие се многу поскапи и ги нема доволно. Германија на почетокот на јули забележа трговски дефицит за прв пат по три децении, што се должи на поскапувањето на бензинот. Германската економија е силно зависна од енергетско интензивната индустрија, која долги години (пре)многу се потпираше на евтиниот руски гас. Економската несигурност во Европа продолжува да се рефлектира со слабото евро, кое минатата недела накратко падна под вредноста на американскиот долар за прв пат после 2002 година. Повторно е жешко на италијанскиот политички паркет, премиерот Mario Draghi понуди оставка поради несогласувања во коалицијата, но голем дел од политичкиот врв во земјата, предводен од претседателот Mattarello, поранешниот претседател на Европската централна банка, повикува на преиспитување. Судбината на владата ќе се решава на гласање во парламентот во среда. Евентуалното гласање недоверба би значело дополнително зголемување на бараниот принос на италијанските обврзници и следствено на тоа повисоки трошоци за отплата на проблематичниот државен долг.
Азиските пазари остануваат надвор од фокусот за глобалните инвеститори. Изборите во Јапонија донесоа продолжување на сегашната политика. Ова значи дека јенот најверојатно ќе продолжи да губи позиции бидејќи централната банка продолжува со одржување на ниска каматна стапка од 0,25% на 10-годишната јапонска обврзница. Од друга страна, малку поострата реторика на кинеските власти кон најголемите технолошки компании повторно ги исплаши инвеститорите. Ова е уште еден показател дека нема да има брзи промени и дека инвеститорите во кинески акции мора трпеливо да чекаат ситуацијата да се смири, иако кинескиот пазар останува еден од подобрите годинава.
Главниот индекс на Љубљанската берза SBITOP бележи пораст во изминатите две недели. Собранието на Krka откри дека и покрај војната во Русија, првата половина од годината помина многу добро. Нето добивката во првите шест месеци беше за третина поголема од лани, но за тоа многу придонесе растот на рубљата. Приходот од продажба е за 6% поголем на годишно ниво и со тоа изнесува 857,4 милиони евра. Дивидендниот принос и годинава ќе биде рекорден, по сегашната цена на акцијата изнесува 5,7%. Без разлика на охрабрувачките бројки, цените на акциите на Крка остануваат 15% под рекордните вредности од почетокот на оваа година. И покрај малку пониските цени на нафтата, во последниот период пораснаа и цените на акциите на втората по големина домашна акционерска компанија по пазарна капитализација, Petrol.
Минатата недела американскиот пазар на државни обврзници ја забележа најизразената инверзна крива во последните 20 години, поточно бараниот принос на 2-годишната државна обврзница достигна 3,13%, додека во исто време бараниот принос на 10-годишната обврзница беше 2,93%. Во нормални услови, инвеститорите бараат повисоки приноси за обврзниците со подолг рок до достасување, но кога на пазарот се очекува рецесија на краток рок, инвеститорите купуваат поголем број обврзници со подолг рок на достасување, при што бараниот принос на овие обврзници последователно паѓа и се појавува инверзна крива. Тоа покажува дека инвеститорите очекуваат пониски каматни стапки во иднина или дека централните банки наскоро, во 2023 година, ќе бидат принудени повторно да ги намалат каматните стапки, кои во моментов ги зголемуваат. Оваа шпекулација може да биде меч со две острици, бидејќи ќе функционира само ако инфлацијата навистина се ублажи. Бараните приноси во Европа останаа непроменети во последната недела, но ова може да се промени наскоро, бидејќи промени на каматните стапки се најавуваат од ЕЦБ оваа недела и од ФЕД следната недела. Заедно со објавите на деловни резултати, го нуди вистинскиот микс за динамично тргување на берзите.
СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ:
Економската и политичката ситуација во светот се влошува, но пазарите на капитал барем привремено воспоставија рамнотежа. Централните банки како најважен играч во моментов ја заоструваат монетарната политика, но инвеститорите веќе ја гледаат 2023 година и очекуваат стопирање на зголемувањето на каматните стапки поради рецесијата. ФЕД се бори против високата инфлација со повисоки каматни стапки со цел да ја задржи куповната моќ на потрошувачите. Очекуваме и зголемување на каматните стапки на ЕЦБ. Наскоро нема да има веќе негативни каматни стапки за штедачите во банки, но и повеќе од негативната каматна стапка од 0,50%, врз заштедите влијае високата инфлација која не стивнува. Во ваква ситуација, како што покажуваат историските податоци, најдобро е да се вложува во акции, па недвижнини, потоа во обврзници и на крај во пари или депозит. Но, бидејќи сценариото за рецесија и стагфлација не е факт и бидејќи централните банки исто така можат многу брзо да го променат правецот, потребата за диверзификација на портфолиото е голема. Комбинација од акциски фондови како што се Генерали Топ Брендови, Генерали БРИК или Генерали НОВА ЕУ и паричен фонд – Генерали Кеш Депозит, треба да бидат основа на портфолиото во вакво опкружување. Минатата година кинеските акции беа главно синоним за стрес, но приказната полека се врти. Оценките станаа поатрактивни, профилот на раст е сè уште атрактивен, а Кина, како една од ретките земји, ја ослободува монетарната политика и го преплавува пазарот на пари. Се чини дека следува период кога кинеските акции повторно ќе понудат натпросечни приноси во споредба со остатокот од светот. Дефинитивно ни претстои поразличен период од последните 10 години. Но, тоа не значи дека нема можности за инвестирање. Историјата на инвестирање покажува дека сонцето секогаш изгрева после дождот и тоа најдобро го поднесуваат оние кои се истрајни со програмираните уплати.
