Економија, финансии, бизнис

Контакт

Генерали Инвестментс: Енергетските пазари се многу нестабилни од почетокот на руската инвазија врз Украина

Генерали Инвестментс: Енергетските пазари се многу нестабилни од почетокот на руската инвазија врз Украина

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

Преглед на моменталните случувања:

Поради празничното скратено тргување на берзите, последниве денови се усогласени со последните случувања. Акциите на растечките индустрии беа главните губитници – технолошкиот Nasdaq го зголеми своето заостанување зад главниот пазарен индекс S&P, додека акциите од енергетскиот сектор и делумно материјалите, продолжија да растат. Инфлацијата останува во фокусот на инвеститорите, при што најновото мерење за САД во март покажува раст на цените од 8,5% на годишно ниво.

И покрај фактот дека американскиот индекс на потрошувачки цени се очекува повторно да достигне рекордни нивоа во последните неколку децении, некои податоци сугерираат дека врвот е многу блиску или веќе достигнат. Базичната инфлација, која главно ги вклучува стоките, но ги исклучува енергијата и храната, во март беше пониска за 0,3% од очекуваното. Повисоките каматни стапки веќе имаат негативен ефект врз побарувачката за недвижности (просечната фиксна каматна стапка на 30-годишна хипотека во САД се зголеми на 5%), што би требало да го намали растот на цените на недвижностите и наемите во наредните месеци. Цените на половните автомобили веќе благо паднаа. Треба да се напомене дека природата на инфлацијата во САД е сосема поинаква од онаа во Европа, каде што ситуацијата е уште понеизвесна и зависи од исходот на конфликтот меѓу Русија и Западот. Прогнозите за враќање на целната годишна инфлација од 2% во еврозоната се чинат нестварни.

Резултатите на најголемите американски банки за првиот квартал од оваа година не беа изненадување, при што добивката драстично падна во однос на минатогодишниот рекорд, но споредбата не е сосема реална, бидејќи извонредните резултати од минатата година главно се должат на силното закрепнување од епидемија. Сепак, најважните банки укажуваат на последиците од војната и инфлацијата, што најмногу се одрази во падот на приходите од сегментот на инвестициското банкарство. Конкретно, издавањето иницијални јавни понуди (IPOs) и услугите за преземање и спојувања (M&A) беше забавено во последните недели. Банките традиционално ја отворија сезоната на објавување квартални резултати на Вол Стрит, а оваа недела следеа и резултатите на некои важни имиња како Нетфликс, Џонсон и Џонсон и Тесла. Основачот на Тесла, контроверзниот Илон Маск, неодамна крена голема прашина со понудата за  преземање на Твитер.

Пазарите во развој беа изненадени од кинеската централна банка, која на последниот состанок не одлучи да ги намали каматните стапки и покрај забавувањето на економијата поради строгите епидемиолошки мерки. Народната банка на Кина како причина ги наведе зголемувањето на цените на храната и енергијата, а на одлуката веројатно влијаела заострената монетарна политика на САД – бараниот принос на 10-годишните државни обврзници на САД се искачи над бараните приноси на Кина за прв пат по 12 години, што ја намалува атрактивноста на кинеските обврзници за странските инвеститори и податоците за кинескиот економски раст во првиот квартал, кој сè уште не го одразува економскиот пад во некои делови од земјата.

Енергетските пазари се многу нестабилни од почетокот на руската инвазија врз Украина. Неделните поместувања на пазарната цена на барел американска сурова нафта WTI за 10 до 15 долари станаа постојани. Главниот фактор што го одредува движењето на цените е прашањето дали ЕУ ќе усвои ембарго за руската нафта и природиотн гас. Во моментов, се чини дека тоа може постепено да се случи во шестиот пакет санкции против Русија, кој се очекува да биде усвоен по претседателските избори во Франција, кои ќе се одржат на 24 април, исто како и парламентарните избори во Словенија. Цената на барел сурова нафта останува далеку над 100 долари.

СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ:

Геополитичката ситуација и понатаму е многу непредвидлива, но ФЕД сè уште ги зголемува каматните стапки поради инфлацијата, а пазарот на капитал се држи многу добро. Инфлацијата станува фокусна точка за инвестиции и заштеди. Инвестирањето во таква средина може да биде многу неизвесно на краток рок. Зголемувањето на каматните стапки во САД е неизбежно. Останува отворено прашање што ќе направи ЕЦБ во услови на зголемена инфлација. Војната и поврзаните нарушувања во логистичките синџири, како и високите цени на енергијата и суровините доведуваат до рецесија, така што централните банки имаат многу помал простор за маневрирање отколку во минатото. Цените на енергијата и суровините продолжуваат да растат или остануваат значително повисоки за разлика од пред 12 месеци. Од друга страна, приносите на банките остануваат негативни, а приносот што го нудат обврзниците е речиси 0. Инфлацијата, сепак неодоливо ги голта и банкарските депозити и вложувањата во обврзници. Одбранбениот пристап и разновидно портфолио се клучни за заштита на заштедите во оваа ситуација. Затоа, глобално диверзифицираните капитални инвестиции со комбинација на вложувања во обврзници остануваат најатрактивен избор, бидејќи капиталните инвестиции нудат одредена заштита од инфлација, а задачата на обврзниците е да го намалат ризикот на портфолиото. Акцентот е ставен на развиените пазари, посебно на САД. И покрај корекцијата, технолошките акции остануваат интересен избор за долгорочните инвеститори, бидејќи нудат раст на бизнисот и следење на идните трендови. Приказната за индустријата на снабдување е сложена поради приврзаноста кон руските енергетски извори, особено гасот, но тука сеуште постојат  можности. Финансиските акции станаа неатрактивни поради повисоката инфлација и пониските очекувања за зголемување на каматните стапки, но со зголемениот притисок дека ЕЦБ ќе мора да преземе нешто, инвеститорите похрабро влегуваат во индустријата. Пред сè, да бидеме истрајни со програмираните уплати, бидејќи историјата нè учи дека ова е убедливо најдобриот пристап за максимизирање на заштедите. Инвестирањата во тешки, предизвикувачки времиња се покажаа како натпросечни во повеќето случаи во период од пет години или повеќе.

Слично

Поврзани вести