Генерали Инвестментс: Инфлацијата станува фокусна точка за инвестиции и заштеди
Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.
Преглед на моменталните случувања:
Минатата недела главни теми на глобалните финансиски пазари беа објавите на кварталните резултати на најголемите светски компании и состојбата и изгледите за успорување на глобалната економија. Севкупно, резултатите беа солидни, но поради разочарувањето на некои големи компании, Amazon и Google, индексите се затворија четвртата последователна недела во минус.
Amazon и Apple се компании кои важат како добар показател за состојбата на економијата, бидејќи резултатите и од двете се силно засновани на расположението и потрошувачката. Во исто време, корпорациите со нивната огромна пазарна капитализација имаат големо влијание врз најследените берзански индекси. Компаниите во последните години ги разгалуваат своите инвеститори со извонредни резултати и прогнози, поради што очекувањата пред објавување вообичаено се многу високи, но ниту најуспешните акционерски друштва во светот не се имуни на проблемите со синџирот на снабдување и зголемените оперативни трошоци. Тоа особено се одрази врз резултатите на Amazon, кој во првиот квартал забележа загуба после седум години. Акциите изгубија дури 14% од вредноста минатиот петок. За разлика од нив, акциите на Apple паднаа значително помалку, приходите и профитот достигнаа нови рекорди, но растот е побавен во споредба со претходните квартали. Од Apple дури и предупредија дека следат тешки месеци, особено поради строгите епидемиолошки мерки и отежнатото производство во Кина. Другите компании од S&P 500 кои имаа објави оваа недела, презентираа измешани резултати и истакнаа слични проблеми – чиповите и понатаму се дефицитарни, што се очекува полека да се реши во втората половина од оваа година. И покрај сите пречки, најголем дел од компаниите продолжуваат да генерираат значителен профит. Истовремено, прилично песимистички сценарија се вклучени во тековните цени на акциите. Според тоа, пазарните вреднувања се многу поповолни од очекуваните во последно време. Ова беше истакнато и на годишниот состанок на акционери од Berkshire Hathaway на Ворен Бафет, кој преку неговиот конгломерат започна со инвестирање. Во првиот квартал од оваа година, Berkshire направи нето-купувања на акции од компании во вредност од 41 милијарда долари, најголем влог по кризата од 2008 година. Во САД, проценката за падот од изненадувачки 1,4% на американската економија во првиот квартал, исто така, привлече големо внимание минатата недела. Загрижувачката бројка на прв поглед не предизвикува особен песимизам, бидејќи падот главно се должи на трговскиот дефицит, намалената државна потрошувачка и пред се, нагло намалените залихи. Сите тие се волатилни компоненти на мерењето на БДП, главниот двигател на долгорочниот економски раст – но сепак потрошувачката и деловните инвестиции продолжуваат да растат, така што не се очекува рецесија во САД, барем во следниот квартал.
И во Европа, во први редови беа објавите на резултатите од корпоративното работење и проценките за економскиот раст во првиот квартал, кој се очекува да биде 0,2% во еврозоната. Бројките значително варираат од земја до земја, но споредено со прогнозите и растот во претходните квартали, јасно е дека војната има силно влијание врз економската активност на ЕУ. Нешто пооптимистички беа резултатите на дел од најголемите европски компании, кои во првиот квартал главно се претставија подобро од очекуваното, а тоа ги ублажи падовите на европските берзи во последно време. Најважна приказна за европските пазари и економијата секако останува енергетската криза која минатата недела доби ново поглавје поради привременото прекинување на испораките на гас за Бугарија и Полска. Министрите од земјите-членки одговорни за енергетика веќе се состанаа, а во наредните денови се очекуваат нови санкции против Русија (постепеното ембарго на руската нафта се чини сè поверојатно).
Неодамнешниот пад на акциите, особено во технолошкиот сектор, се должи и на континуираниот раст на бараните приноси од обврзниците. Врз основа на заострувањето на монетарната политика на централната банка, 10-годишната државна обврзница на САД се приближува до 3%, а германската, со иста рочност, 1%. Американската централна банка оваа недела повторно е во центарот на вниманието. Многу е веројатно денес да објави раст на главната каматна стапка од 0,50%. И цените на енергенсите остануваат високи поради заострувањето на санкциите, а сите компании предвидуваат раст на оперативните трошоци. Доларот ја проби границата од 1,05 долари за евро и се приближува до паритет 1:1, што последен пат го видовме помеѓу 1999 и 2002 година. Овој раст на доларот во моментов е поволен за европските компании, но од друга страна дополнително го влошува увозот на енергија и суровини, кои најчесто се наплатуваат во долари.
СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ:
Геополитичката ситуација и понатаму е многу непредвидлива, ФЕД сè уште ги зголемува каматните стапки поради инфлацијата. Инфлацијата станува фокусна точка за инвестиции и заштеди. Инвестирањето во таква средина може да биде многу неизвесно на краток рок. Зголемувањето на каматните стапки во САД е неизбежно. Останува отворено прашањето што ќе направи ЕЦБ во услови на зголемена инфлација. Војната, кинеското затворање поради корона и поврзаните нарушувања во логистичките синџири, како и високите цени на енергијата и суровините доведуваат до рецесија, така што централните банки имаат многу помал простор за маневрирање отколку во минатото. Цените на енергијата и суровините продолжуваат да растат или остануваат значително повисоки за разлика од пред 12 месеци. Од друга страна, приносите на банките остануваат негативни, па затоа обврзниците продолжуваат да нудат не многу помали приноси од инфлацијата, а со зголемената инфлација, тие забележаа значителни загуби во последните недели. Инфлацијата, сепак неодоливо ги голта и банкарските депозити и вложувањата во обврзници. Одбранбениот пристап и разновидното портфолио се клучни за заштита на заштедите во оваа ситуација. Затоа, глобално диверзифицираните капитални инвестиции со комбинација на вложувања во обврзници остануваат најатрактивен избор, бидејќи капиталните инвестиции нудат одредена заштита од инфлација, а задачата на обврзниците е да го намалат ризикот на портфолиото. Акцентот е ставен на развиените пазари, посебно на САД. Tехнолошките акции остануваат интересен избор за долгорочните инвеститори, бидејќи нудат раст на бизнисот и следење на идните трендови, иако моментално се под силен притисок за продажба. Приказната за индустријата на снабдување е сложена поради приврзаноста кон руските енергетски извори, особено гасот, но тука сеуште постојат можности. Финансиските акции станаа неатрактивни поради повисоката инфлација и пониските очекувања за зголемување на каматните стапки, но со зголемениот притисок дека ЕЦБ ќе мора да преземе нешто, инвеститорите похрабро влегуваат во индустријата. Пред сè, да бидеме истрајни со програмираните уплати, бидејќи историјата нè учи дека ова е убедливо најдобриот пристап за максимизирање на заштедите. Инвестирањата во тешки, предизвикувачки времиња се покажаа како натпросечни во повеќето случаи во период од пет години или повеќе.
