„ГАЗПРОМ“ ГО ЗАТЕГА ВЕНТИЛОТ УШТЕ ПОВЕЌЕ, прекината испораката кон Франција, преполовена кон Италија
Рускиот енергетски гигант „Газпром“ го намали извозот на гас од Италија за 50 отсто, соопшти денеска италијанската енергетска компанија „ЕНИ“.
- „Газпром“ му вети на Рим само половина од 63 милиони кубни метри гас нарачани за денеска - информираше „ЕНИ“.
Снабдувањето со гас е веќе намалено оваа недела за 15 отсто во средата и 35 проценти вчера.
Русија го прекина или намали снабдувањето со гас за неколку европски земји во изминатите неколку недели, поради споровите околу санкциите на Западот воведени кон Москва за нејзината инвазија на Украина.
Испораките за Германија беа намалени за 60 отсто оваа недела преку гасоводот „Северен поток“ во Балтичкото Море.
Комесарот за економија на Европската Комисија, Паоло Џентилони, вчера предупреди дека стариот континент би можел да влезе во рецесија, доколку се прекине снабдувањето со гас од Русија
Франс прес претходно објави дека се прекинати и испораките на руски гас за Франција од 15 јуни, соопшти француската компанија за транспорт на гас ГРТГаз, откако рускиот енергетски гигант предупреди дека нагло ќе ги намали испораките во Европа.
- Франција повеќе не добива руски гас од гасоводот. Протоците на гас меѓу Франција и Германија преку Обергејлбах се прекинати поради намалените испораки од Русија - се наведува.
„Газпром“ во вторникот објави дека мора да го намали снабдувањето со природен гас преку гасоводот Северен тек поради ненавременото враќање на пумпните единици од редовното одржување во Сименс, Германија и идентификувани дефекти на моторот.
