Газди на компании без работници годишно вртат милиони евра
Секоја петта компанија во земјава е со нула вработени. Вкупно има 11.579 вакви фирми кои не произведуваат ништо, а годишно имаат приход од 272,7 милиони евра и добивка од 18,6 милиони евра, пишува Призма.
Газдите на овие компании без работници, во 2014 година заработиле вкупно 18,6 милиони евра, покажува анализата на податоците од Централниот регистар.
Најголем дел од компаниите само со управители, без ниту еден работник, се регистрирани во секторите трговија на големо и мало, во стручни, научни и технички дејности и во преработувачката индустрија.
Најголем профит од компаниите со нула вработени од 1,3 милиони евра во 2014 година направила фирмата Тимох, регистрирана како друштво за производство, трговија, угостителство и услуги. Оваа компанија е во сопственост на Дејан и Снежана Панделески, попознати и како сопственици на Пелистерка. За една година, добивката на компанија пораснала дури 177 пати.
Втора на листата на најпрофитабилните со нула вработени и добивка од 1,03 милиони евра е компанијата Камчев Консалтинг, којашто е основана во 2008 година. Сопственик е Ратка Куноска Камчева, а управител е Јордан Камчев.
