Газда Нини сведочеше на суд во корист на Груевски
Српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ - Нини сведочеше на денешното судско рочиште во процесот за клевета што премиерот Никола Груевски го поведе против лидерот на СДСМ Зоран Заев заради изнесените обвинувања за корупција при продажбата на Македонска банка.
Иако бизнисменот познат како „газда Нини“, беше предложен за клучен сведок од страна на одбраната на Заев на подготвителното рочиште пред три месеца, тој денеска пред судот се изјасни во корист на Груевски.
„Нит сум се слушнал, нит сум се видел, нит ги познавам лично Заев и Груевски. Акциите се купени на берза преку брокер и не знаевме кој е продавач“, одговори Нини на прашањето дали му дал пари на рака на Груевски за продажбата на Македонска банка.
На почетокот на рочиштето, адвокатите на Заев побараа српскиот бизнисмен да се повлече од сведок, бидејќи неговото сведочење е беспредметно без наводната аудио снимка од телефонскиот разговор на Груевски и Нини преку посредникот Ден Дончев за продажбата на банката, која судот не ја прифати како доказ. Судот го одби и ова барање на Заев и одлучи Нини сепак да биде сослушан.
Првото рочиште од судскиот процес во кој Груевски од Заев бара отштета од половина милион евра започна утрово, а на него треба да бидат сослушани и премиерот и лидерот на опозициската партија. Со оглед на малиот број сведоци очекувањата се дека пресудата би можела да биде донесена веќе утре.
Слично
