Газда Нини ќе сведочи во судскиот процес Груевски-Заев?
Контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ- Нини ќе биде повикан да сведочи во судскиот процес што го покрена премиерот Никола Груевски против лидерот на опозицијата Зоран Заев за клевета. Судот го прифатил предлогот на одбраната на Заев во процесот за клевета да го сослуша и „газда Нини“, човекот кој според лидерот на опозицијата, телефонски ја договорал со Груевски продажбата на „Македонска банка“.
Судот одби како сведок да го повика Ден Дончев, кој повеќе години живее во Австралија и за кој одбраната тврди дека е посредникот преку кој оделе понудите. Одбраната потенцираше дека еден од предложените сведоци му ја дал снимката на Заев, која подоцна беше објавена во јавност.
Истовремено, судот одби како доказен материјал да ја прифати наводната снимка од телефонските разговори, за која Заев тврдеше дека докажува оти Груевски за продажбата од банката зел 1,5 милиони евра во кеш од српскиот бизнисмен. И судот, како и претходно Обвинителството, смета дека снимката не може да биде земена како доказен материјал, бидејќи е направена без налог на државен истражен орган.
Судењето, за кое денеска се одржа подготвително рочиште, официјално почнува од 1 септември. Денеска во судот не се појавија ниту Груевски, ниту Заев. Премиерот од лидерот на опозицијата во судска постапка бара отштета од половина милион евра за изречена клевета со обвинувањата дека зел поткуп за продажбата на „Македонска банка“.
Какви беа бизнис-зделките на „газда Нини“ во Македонија?
Слично
