„Гаспром“ ја одреди трасата на нафтоводот кон Турција
Рускиот гигант „Гаспром“ соопшти дека привремено го дефинирал патот на новиот нафтовод кон Турција со турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз.
Нафтоводот, кој до крајот на 2016 година би требало да го замени напуштениот проект „Јужен тек“ кон Европската унија, ќе минува низ Црното море, пред да дојде до градот Лилбургас на северозападот од Турција.
После тоа ќе помине преку грчко-турската граница кај градот Ипсала.
Првиот крак на нафтоводот, со должина од 900 километри, ќе има вкупен капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас годишно, но со вкупно четири краци, целиот нафтовод ќе испорачува 63 милијарди кубни метри гас.
Тој гас ќе им биде на располагање на европските држави, но „Гаспром“ предупреди дека тие земји ќе мора за своите трошоци да изградат цевки до рускиот гас бидејќи повеќе нема план за снабдување на Европа преку Украина.
„Гаспром“ неодамна соопшти дека ќе постави подводен дел на Турскиот тек додека површинскиот дел во Турција ќе го постави турската компанија „Ботас“.
Руската гасна компанија соопшти во почетокот на декември дека го напушта проектот нафтовод „Јужен тек“, вреден околу 40 милијарди долари (32 милијарди евра).
