„Гаспром“ го раскина договорот за „Јужен поток“
Државната руска компанија за гас „Гаспром“ го раскина на договорот за проектот “Јужен поток“.
Одборот на директори на „Гаспром“ го одобри склучувањето на договор со компанијата !South Stream Transport B.V“ за престанок на дејството на договорот за гаранција во врска со ангажманот на „Газпром експорт“ за транспорт на гас од 2 октомври 2013 година, соопштува ТАСС, цитирајќи го соопштението на компанијата.
Проектот „Јужен поток“ се проценуваше на 15,5 милијарди евра и беше со капацитет од 63 милијарди кубни метри а оператор на проектот беше ќерка компанија на „Гаспром“ - „South Stream Transport BV“.
„South Stream Transport B.V.“ се согласила да го ослободи „Газпром“ од исполнувањето на сите обврски од договорот за гаранција во однос на обврските на „Газпром експорт“ за договорот за транспорт на гас од 2 октомври 2013 година и да се раскине договорот за гаранција. Ова се вели во официјалното соопштение на „Гаспром“.
Минатата недела бугарски медиуми објавија за рестарт на „Јужен поток“ во наредните неколку недели.
Според некои од пишувањата, сигнали за тоа добил бугарскиот премиер Бојко Борисов. Веднаш по појавата на оваа шпекулација претставник од руското Министерство за енергетика коментира пред ТАСС дека статусот на проектот за гасоводот „Јужен поток“ останува без промена, односно е запрен.
Ден по појавата на шпекулациите реагира и Кремљ. Преговорите за „Јужен поток“ се прекинати, нема основа за нивното продолжување, изјави Дмитриј Песков, портпарол на претседателот Владимир Путин.
„Во моментов таков проект не постои. Тој беше прекинат. Затоа нема тема за преговори“, изјави Песков.
На темата даде реакција и рускиот министер за енергетика Александар Новак, кој го потврди крајот на „Јужен поток“. “Вие знаете дека овој проект е запрен и тоа не по иницијатива на руската страна и не се водат никакви преговори или акција по ова прашање“, рече Новак . Истовремено, шефот на „Газпром“ изјави дека Русија е подготвена да го реализира проектот за гасоводот „Турски поток“ под услов европските и турски партнери пројават интерес.
За „Јужен поток“
Проектот за гасоводот „Јужен поток“ беше еден од најголемите енергетски проекти во Европската унија. Морската делница требаше да започне во близина на градот АНАП, на рускиот Црноморски брег, да помине низ ексклузивна економска зона на Турција во Црното Море и да излезе на бугарскиот брег во близина на градот Варна. Неговата должина е околу 931 километри. При излегувањето на „Јужен поток“ на бугарскиот брег, тој мораше да се поврзе со копнениот дел од гасоводот на кој ќе се оствари понатамошен пренос на гас преку територијата на Бугарија за земјите од Југоисточна и Централна Европа.
Се очекуваше експлоатацијата на цевката да започне во почетокот на 2016 година, кога ќе потечеа првите количини гас. При полн капацитет четирите цевки требаше да испорачуваат 63 милијарди кубни метри природен гас годишно.
„Јужен поток“ не е руски потфат, како што често се смета. Тоа е меѓународен проект со учество на водечките европски енергетски гиганти. Во него „Газпром“ поседуваше 50%, а италијанската ЕНИ - 20%. Француската „Електрисите де Франс“ и германската „Винтерсхал“ (дел од BASF) држеа по 15%.
За реализацијата на проектот за морски гасовод преку Црното Море беа потребни инвестиции во износ од неколку милијарди евра. Точната цена мораше да биде одредена по завршувањето на дизајнот, врз основа на резултатите од извршените основни тендери за набавка на цевки, нанесување на заштитна покривка, поставување на цевки и логистика. Една од бројките кои се споменува е 15,5 милијарди евра.
По избувнувањето на украинската криза во пролетта на 2014 година меѓународната околина се искомплицира и стана неповолна за реализацијата на гасоводот.
На 1 декември 2014 година при посетата на Анкара, рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека во сегашните услови Русија нема да го реализира проектот „Јужен поток“ и започна преговорите за “Турски поток“. Во 2015 година „Јужен поток“ се обиде да стане „Турски поток“, но не успеаја напорите. Поради соборувањето на рускиот авион Су-24 на границата со Сирија Москва и Анкара застанаа со преговорите за гасоводот „Турски поток“. Во почетокот на декември 2015 година Русија најави дека проектот за гасоводот „Турски поток“ е запрен.
