Економија, финансии, бизнис

Контакт

Гасот во Бунарџик е поевтин: домашните компании инфериорни во однос на странските?!

Гасот во Бунарџик е поевтин: домашните компании инфериорни во однос на странските?!
Десетици, па дури и стотина илјади евра може да заштедат тарифните потрошувачи приклучени на преносната мрежа за природен гас во земјава, во случај да ја плаќаат цената на природниот гас која важи за компаниите во Бунарџик. За 40% е поскап природниот гас кои во септември го плаќаа 30-тина домашни компании, меѓу кои Макстил, Европа, ФЗЦ 11 Октомври, за разлика од компаниите сместени во технолошко-индустриската развојна зона Бунарџик. Ако минатиот месец 30-тина домашни комапнии чиешто производство е доминантно на природен гас плаќаа вкупна цена од 29,3199 денари за нормален метар кубен, компаниите во Бунарџик за истата количина од овој енергенс плаќаа 27,9259 денари. Навидум незначителната разлика од 1,4 денари за нормален метар кубен гас, на годишно ниво само за помалите компании значат околу стотина илјади евра. Дел од  домашните компании не знаат дека плаќаат значително поскап природен гас од странските инвеститори сместени во Бунарџик. Оние пак, кои се свесни за сумата која на годишно ниво ја даваат за набавка на овој енергенс се разочарани што се во инфериорна положба. “Ако тргнеме од пониските влезни трошоци, вклучувајќи ја тука и цената на природниот гас, многу е подобро и ние да имаме услови за работа какви што имаат странските инвеститори во Бунарџик. Ние не сакаме, ниту пак, можеме целото производство да го селиме во Бунарџик. Но, некоректно е странските компании да имаат поголеми привилегии од домашните компании, кои воеено се и меѓу најголемите потрошувачи во Македонија – генератори на вработеноста, економскиот раст... Ако се земе предвид разликата во цената која ние ја плаќаме, со онаа во Бунарџик, на годишно ниво станува збор за  околу  70.000 – 80.000 евра. Овие пари воопшто не се малку, со нив и тоа како можат да се решат  некои други проблеми“, објаснува за Фактор менаџер на македонска компанија од металуршкиот сектор. Бунарџик е бесцаринска зона Поскапиот природен гас што домашните компании го плаќаат наспроти оние во технолошко-индустриската развојна зона Скопје се правда со царинските поволности во зоната. Од Регулаторната комисија за енергетика, која ја определува цената за енергенсите на Македонскиот пазар, објаснуваат дека набавната цена на гасот во септември годинава (23,3051 денари/нормален метар кубен) и цените за снабдување (0,2958 денари за нормален метар кубен) и за пренос на природниот гас (1,2465 денари за нормален метар кубен) се исти и кај тарифните потрошувачи приклучени на  преносната мрежа за природен гас и кај оние – сместени во Бунарџик. Единствената разлика е во тоа што гасот кој се користи во ТИРЗ Бунарџик е без данок на додадена вредност. К.П.
Слично

Поврзани вести