Гас по 34 денари за метар кубен ќе продава ЈП „Куманово Гас“
Гас по цена од 34 денари по метар кубен ќе продава ЈП „Куманово Гас“. Советот на општина Куманово на 78. седница на Советот го поддржа предлог-решението за давање согласност на одлуката за определување на цена за вршење на дејностите дистрибуција на природен гас, управување со системот за дистрибуција на природен гас и снабдување со природен гас на тарифните потрошувачи приклучени на системот за дистрибуција.
Цената на гасот, ја предложил управниот одбор на јавното претпријатие на седница одржана во декември минатата година и одлучил предлог-цената да биде за 12% повисока од набавната цена.
- Со донесувањето на цената и по објавувањето во службен весник, јавното претпријатие ќе може да започне со потпишување договори со заинтересираните правни и физички лица, вели директорот на ЈП „Куманово Гас“, Момчило Мирчевски.
Во претпријатието постојано пристигнуваат барања од месни заедници и куќни совети кои бараат приклучок кон гасоводната мрежа. Досега претпријатието постави 16.960 метри гасоводна мрежа.
Цената за приклучокот на гасот за домаќинствата е предвидена да биде 800 евра, а заинтерисираните може да ја плаќаат на неколку месечни рати.
