Гарет: Потенцијални инвеститори постојано ме прашуваат за владеењето на правото во Македонија
Во Македонија сега постои позитивна клима и економскиот раст треба да тргне напред, но мора да се туркаат програмските реформи, бидејќи потенцијални инвеститори ми се јавуваат да се информираат какво е владеењето на правото во вашата земја, вели Чарлс Гарет, амбасадорот на Обединетото Кралство, во интервју за „Капитал“.
- Веќе има неколку многу успешни британски инвестиции во различни сектори во Македонија, од автомобилската индустрија, до софтвер, мебел, облека и храна. Често контактирам со нив и предноста што најчесто ја наведуваат е квалитетот на работната сила. Што се однесува до предизвиците, потенцијалните инвеститори секогаш ме прашуваат за владеењето на правото. Инвеститорите сакаат да знаат дека тие ќе добијат еднаков и фер третман од регулаторите и инспекторите, во судовите. Зајакнувањето на владеењето на правото, пружањето отпор на корупцијата, предвидливост и еднаков третман – напредок во овие области ќе ја направи Македонија попривлечна - вели Гарет.
Тој, меѓудругото, дава и своја оценка за тоа што треба да се направи за да се достигне она ниво на развој да македонскиот граѓанин да почувствува дека му се зголемил стандардот.
- По неколку години раст од 3-4%, неодамнешниот извештај на Светска банка покажа дека економскиот раст во 2017 година бил 0%. Тоа беше година кога Македонија имаше значителна препрека со политичката криза што ги продлабочи системските слабости на економијата, како што и Светската банка забележа дека додека инвестициите во инфраструктурата го помагаа растот во минатото, останатата економија заостануваше. Зголемената политичка стабилност создава клима, за да се турка кон поголем и поодржлив економски раст и да се подигне стандардот на живеење. Но, има долг пат напред доколку Македонија сака да го затвори јазот со просечното БДП ниво низ Европа, за што повеќе години по ред ќе треба раст блиску до 6%.- смета Гарет.
