Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФЗЦ  11 ОКТОМВРИ: Книжи загуби, гледа во иднината!

ФЗЦ  11 ОКТОМВРИ: Книжи загуби, гледа во иднината!
Кумановската фабриката за цевки „11 Октомври“ во првите девет месеци од годинава е во загуба од 2,1 милиони евра. Лани во истиот период загубата на компанијата изнесувала 2,24 милиони евра. Според податоците од финансискиот извештај на компанијата доставен до Македонската берза, во првите девет месеци од годинава споредено со истиот период од минатата година, приходите од продажба се намалени за 62% и изнесуваат 1,8 милиони евра. При тоа , огромен пад има кај приходите од продажба на странски пазари, кои се намалени за 73%, додека приходите од продажба на домашниот пазар се намалени за 32%. Расходите на компанијата во првите девет месеци од годината изнесуваат 5 милиони евра, и тие се намалени за 9% во однос на расходите што компанијата ги имала во истиот период минатата година. Мнозински сопственик на оваа фабрика од почетокот на годинава е кумановската компанија Квалитет пром, која мнозинскиот пакет акции го купи од Експорт Импорт банка АД во стечај. „Примарна цел на преземачот е , пред се, враќање на пазарите на кои компанијата веќе била присутна во минатото, како и освојување нови пазари, проширување на асортиманот на производи, намалување на трошоците во производство и подобрување на работните процеси , зголемување на рентабилноста и конкурентноста со цел зголемување на приходите и профитот на самото друштво. Со сето тоа би дошло до јакнење на финансиската кондиција на ФЗЦ 11 Октомври, со истовремено репрограмирање на постојните обврски под поповолни услови , со што би се овозможило редовно сервисирање на сите достасани обврски. Се очекува, долгорочно, поуспешно работење на друштвото и истото би се рефлектирало на вредноста на самото друштво“, стои во финасискиот извештај на компанијата доставен до Македонската берза. Токму ФЗЦ 11 Октормви, пред извесно време склучува зделка со компанијата Квалитет Пром, која се јавува како нејзин мнозински сопственик. Зделката е во износ од од близу 18 милиони евра. „Се одобрува склучување и реализација на зделка со заинтересирана страна на Фабрика за заварени цевки и профили 11 ОКТОМВРИ Акционерско друштво Куманово со Друштво за градежништво и трговија Квалитет-Пром ДООЕЛ Куманово увоз-извоз Куманово како заинтересирана страна и тоа Договор за заем, Договор за деловна соработка за купопродажба на репроматеријали и Договор за деловна соработка за купопродажба на производи од програмата на ФЗЦ,“, стои во одлуката за одобрување на зделката. Дополнително, во компанијата е направена промена на членовите на Одборот на директори, но има и промени во Статутот на компанијата. ФЗЦ 11 Октомври е компанија што треба да биде вклучена во изградбата на гасоводната делница во Клечовце, што се гради со пари од клириншкиот долг меѓу Македонија и Русија. Превземањето на ФЗЦ 11 Октомври од страна на Квалитет Пром се случи паралелно со најавата за старт на гасоводниот проект,  по што следуваше и најава дека оваа компанија ќе биде вклучена во милионскиот бизнис. Освен оваа ФЗЦ 11 Октомври, во проектот гасоводна делница вклучени се и неколку други компании кои се директно или индиректно поврзани со сопственикот на Квалитет Пром.
Слично

Поврзани вести