ФЗОМ уверува: Породилното нема да биде на товар на фирмите!
Фондот за здравствено осигурување никогаш не предлагал ниту размислувал трошоците за породилно отсуство и боледувања да паднат на фирмите, тврди директорката на институцијата Маја Парнаџиева - Змејкова. Според неа, предлогот за побрза исплата на парите од надоместоците бил „по барање на осигурениците“.
„Фондот никогаш не размислувал, ниту предлагал надоместокот на плата да биде на товар на фирмите, како што некој шпекулира. Не го разбирам мотивот зашто јавноста беше дезинформирана од разни медиуми, но јасна е тенденцијата да се креира неизвесност и неоснована критика за добар проект и добри намери“, тврди Змејкова.
Притоа, според неа, се уште се дискутира за три модели, а како една варијанта за реализација бил земен словенечкиот модел.
„Словенечкото искуство го земавме со големо внимание поради големото задоволство на осигурениците, а воедно го до разработивме и прилагодивме на македонските услови. Примерот на Словенија е исплатата на надоместоците привремено да ги исплатува фирмата, а во краток рок ФЗОМ да ги надомести до фирмата во целост“, додава директорката на ФЗОМ.
Доколку се усвои, ваквиот предлог би требало да почне да се реализира во 2016 година. За неколку месеци, пак, од јануари 2015 година, ќе стартува можноста породилно боледување да може да отвори и здравствената установа.
Тоа значи дека по породувањето болницата или матичниот гинеколог ќе пријави по службена должност отворање на породилно отсуство кое фондот веднаш ќе го процесира и ќе почне со исплата, без други документи.
Слично
