ФЗОМ: Нема повеќе гужви на шалтерите за пререгистрација на невработените
Од идната година невработените граѓани нема да имаат обврски да чекаат на шалтери за пререгистрација за да добијат бесплатно здравствено осигурување. Фондот за здравство податоците ќе ги добива директно од Управата за јавни приходи, со што ќе се избегнат гужвите и турканиците.
Ваквата новина денеска ја соопшти директорот на Фондот, Маја Парнарџиева Змејкова, за време на гостувањето во емисијата „Кворум“, што се емитува на фреквенциите на Радио слободна Македонија.
Со оваа новина ќе се скратат нервозите за повеќе од 240 илјади невработени граѓани.
„Практиката досега беше секоја година од февруари до април невработените лица да се пререгистрираат за да добијат бесплатно здравствено осигурување. Работата се оставаше за пет до дванаесет и тоа создаваше долги редици на шалтерите и нервоза. Но сликата од наредната година ќе се промени“, вели директорката на Фондот.
Од ФЗОМ велат дека вработените секоја година се соочуваа со голема бројка на осигуреници, кои најчесто оваа обврска ја оставаа до крајниот рок, 31 март и тогаш во подрачните служби е исклучително тешко и за самите осигуреници но и за вработените.
„ Од 2015 година податоците за пререгистрацијата на невработените лица, ќе ги добиваме по службен пат од УЈП. На овој начин избегнуваме и некои од ранливите категории на осигуреници, кои не стигнале на време да се пререгистрираат, поради тоа да изгубат некое право, како ортопедско помагало итн. Долго работевме со УЈП за да го надминеме овој проблем и конечно оваа пролет нема да бидеме сведоци ниту на метеж ниту на гужви по подрачните служби“ , велат од ФЗОМ.
Слично
