Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФЗОМ годинава со рекорден буџет од 390 милиони евра

ФЗОМ годинава со рекорден буџет од 390 милиони евра
Фондот за здравствено осигурување на Македонија со дополнителни средства ќе ги стимулира клиниките со цел да се намалат случаите на пациенти кои непотребно се праќаат на скопските клиники за полесни интервенции како слепо црево, кила и жолчка. Според податоците кои денеска ги објави директорот на ФЗОМ, Маја Парнарџиева – Змејковска, голем дел од клиниките во државава како и дел од општите болници не го исполниле просекот според бројот на направени полесни интервенции на годишно ниво. Статистиката покажува дека скопските хирурзи лани биле најоптоварени со работа. Хирурзите од клиниките и болниците во главниот град лани направиле 41% од вкупниот број на операции на кила, жолчка и слепо црево, што е зголемување од 1 отсто споредено со 2013-та. Скопски хирург од болниците „8-ми септември“ и „Св.Наум Охридски“ во просек направил по 92 вакви интервенции, во другите скопски здравствени установи просекот е 71 операција, додека хирург од внатрешноста реализирал само 57 интервенции. Најлош просек од 38 до 46 операции имале хирурзите од Охрид, Битола, Штип, Кавадарци, Гостивар и Дебар. Има и болници каде хирурзите добро си ја вршеле работата. Повеќе од просечниот број на операции биле направени во Струмица, Струга и Кочани. Покрај паричната мотивација и зголемувањето на буџетот на болниците за 800 милиони денари, од ФЗОМ информираа дека ќе постават и нови повисоки критериуми за тоа колку треба да изнесува бројот на направени полесни хируршки интервенции. Од ФЗОМ се пофалија дека во споредба со претходните години, годинава имаат најмногу средства за располагање во буџетот од околу 24 милијарди денари, што е 1,4 милијарди денари повеќе од лани. Најголем дел од овие средства Фондот ги распоредил во буџетите на јавните здравствени установи, а Градската општа болницата 8- ми септември во Скопје годинава ќе има најголемо зголемување од 130 милиони денари.
Слично

Поврзани вести