Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФТ: Позитивен извештај за напредок на Македонија со назадување во фискалната дисциплина

ФТ: Позитивен извештај за напредок на Македонија со назадување во фискалната дисциплина

Со задоцнување од околу еден месец, главно поради бавниот прогрес во разрешувањето на политичката криза и спроведувањето на Договорот од Пржино, Европската Комисија го објави Извештајот за напредокот на Македонија во исполнувањето на критериумите за членство.

Економијата и економските политики се оценуваат, главно, како стабилни и соодветни, со добро ниво на подготвеност на функционална пазарна економија, но без значаен напредок во последно време. Сепак, и покрај генерално позитивната оценка, Извештајот го оценува назадувањето во управувањето со јавните финансии како високо-загрижувачко (слично на Соопштението од консултациите на Извршниот борд на ММФ за Членот IV – 2015, види ФТ Коментар бр.7).

Finance Think смета дека неколку значајни укажувања во ЕУ Извештајот заслужуваат сериозно земање предвид од страна на носителите на политиките: - Назадување на фискалната дисциплина. Како што аргументира и домашната експертска јавност, Среднорочната фискална стратегија (2015-17) не се почитува, односно постојат сериозни отстапувања од нејзината имплементација. Владата се обврза на консолидација на фискалните финансии, со таргет буџетски дефицит од 2.9% во 2017 година, но честите ребаланси на буџетот и следствените пробивања и на ревидираниот буџетски дефицит, ја рушат кредибилноста во најавите дека буџетскиот дефицит ќе се намалува и ќе се сведе на разумно ниво.

Оттука, отсуствува поврзаност помеѓу напишаното во стратегијата и донесувањето и имплементацијата на буџетот на годишно ниво. Тоа оневозможува да се создаде и фискален простор, кој ќе служи во ситуација на нанедеен шок, пришто фискална експанзија во таква - ситуација ќе биде или невозможна, или многу ризична и скапа (може значајно да го зголеми буџетскиот дефицит и да го притисне долгот);

- Зголемување на тековните трошења – плати на администрацијата, пензии и социјална помош – над капацитетот на економијата да ги издржи. Имено, растот на овие трошоци е поголем од номиналниот раст на економијата (реален раст од околу 3% и инфлација од околу 0%). Тоа создава општа загриженост дека ветувањата за зголемувања ќе оневозможат буџетскиот дефицит да се врати во прудентни рамки и во следните години;

- Отсуство на приоритизација на трошењата која ќе овозможи зголемување на нивната продуктивност и способност за отплата. Дури во последните 1-2 години постои благо свртување на политиката на државни инвестиции кон попродуктивно трошење. Сепак, изостануваат анализи за трошоците наспроти придобивките од инвестициските проекти, што оневозможува јасно разбирање за јавноста, за корисноста од одредени проекти, наспроти други кои се одлагаат или не се планираат;

- Отсуство на транспарентност и отчетност. Најголемото назадување сврзано со јавните трошења е нагласеното и критично отсуство на транспарентност во намената на трошењата, информации за планирани и извршени капитални трошења, како и скоро целосното отсуство на информации за јавните задолжувања (како во следната точка);

- Јавниот долг е „црна кутија“. Рапидниот пораст на јавното задолжување, како и прилагодувањата направени во Законот за јавниот долг оставаат простор за сомнежи во делот на транспарентноста на намената на новите задолжувања. Дополнително, со измените во Законот се поттикнува негарантирано задолжување на јавните претпријатија, што ја намалува транспарентноста во тоа каде, по кои услови и за кои проекти тие (ќе) се задолжуваат. Неопходен е итен напор за поголема транспарентност во објавувањето фискални податоци за долгот на јавните претпријатија, преземените обврски, како и доспеаните, а неплатени обврски. Целосно земено, ЕУ извештајот дава критика со остар тон на управувањето со јавните пари, и особено на фискалната (не)транспарентност, што може да се заклучи со следната реченица: „Владата треба да го подобри управувањето и транспарентноста на јавните финансии, да практикува построга фискална дисциплина и да ја подобри фискалната транспареност...“

Иако фискалните финансии и нивната транспарентност остануваат најважната тема на Извештајот, истиот се осврнува и уште на неколку аспекти на економијата: - Потреба од подобрување на деловната клима во практиката. И покрај позитивното рангирање на Дуинг бизнис, Владата треба да направи напор за посоодветна имплементација на донесените реформи, особено во делот на затварање фирма;

- Отсуство на поврзување на странските со домашните фирми. На овој план не се преземаат никакви мерки и потешкотиите ќе останат поради различното технолошко ниво на домашните и странските фирми;

- Правна несигурност создадена од пречестото менување на законите;

- Потребата од реформи во образовниот систем, со цел тој да произведува вештини кои се барани на пазарот на трудот.

Слично

Поврзани вести