ФТ Коментар на економските ефекти од политичката криза и потенцијални сценарија за растот во 2017 и 2018 година
Finance Think оценува дека најновите податоци за економските трендови во Македонија покажуваат понатамошни негативни последици од политичката криза врз економијата.
Прв индикатор претставува забавувањето на бруто-домашниот производ (БДП) растот од 3.9% во 2015 на 2.4% во 2016. Второ, бруто инвестициите забележуваат значителен пад. Трето, растот на кредитирањето стана негативен во последните четири тримесечја. Четврто, волуменот на индустриското производство во 2016 година се намали за 1.5% споредено со претходната година. Моментално, единствен придвижувач на економијата останува да биде градежништвото, главно индуцирано од градежните активности на државата, со забележан годишен раст од 18.5% во 2016 година.
Овој ФТ Коментар подетално ги елаборира овие економски трендови, а потоа развива три сценарија по кои може да се движи Македонската економија во претстојниот период.
Бруто инвестициите бележат пад од 4.3% во 2016 година. Ова намалување е доминантно рефлексија на несигурноста кај приватниот сектор – домашниот и странскиот, во однос на инвестирањето, што е директна последица од пролонгираната политичка криза во земјата.
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за бруто-домашниот производ, забавувањето на растот на БДП произлегува од неколку компоненти на производната страна: рударската индустрија (пад од 1%), преработувачката индустрија (пад од 2%) и трговијата со недвижен имот (пад од 1%), во споредба со 2015 година. Овие три гранки учествуваат со 34% во вкупниот БДП, што укажува дека трендовите кај нив може да имаат значајно влијание врз трендот на целата економија.
Индустриското производство бележи пад од 1.5% споредено со 2015 година. Намалувањето на индустриското производство најмногу се должи на намалувањето на неколку производствени индустрии. Имено, производството на рафинирани нафтени производи и производството на метали забележува пад од 23% споредено со 2015 година. Дополнително, производството на неметални производи и производството на мебел бележат пад од 17%, секое, додека пак производството на хартија и производството на облека имаат пад од 14% во однос на 2015 година. Падот кај овие индустрии и кај неколку други е загрижувачки, имајќи предвид дека преработувачката индустрија вработува 19% од вкупното вработено население во Македонија. Овој пад се должи на намалената и недоволната странска и домашна побарувачка, како и на неизвесното економско окружување.
Агeнцијата Fitch го намали кредитниот рејтинг на Македонија од BB+ на BB. Главни причинители за ова намалување се политичката криза, немањето избрана влада, и очекуваното зголемување во фискалниот дефицит. Ова го потврдува и последниот извештај за кредитниот рејтинг на Standard&Poor’s, каде што пролонгирањето на политичката криза и политичката несигурност оневозможуваат зголемување на рејтингот од BB-/B за 2017 година. Овие рејтинзи оневозможуваат подобрување на сликата за државата на меѓународните финансиски пазари и за зголемена премија за ризик, што би се отсликало врз зголемени каматни стапки на идните државни задолжувања на меѓународните финансиски пазари, што последователно може да донесе и зголемен притисок врз фискалниот дефицит, каматните стапки на домашните обврзници и надворешниот јавен долг.
Намалувањето на бруто инвестициите се потврдува и со намалениот раст на кредитите кон приватниот сектор. За прв пат по пет години, кредитирањето кон фирми се намалува. Од 7.1% кредитен раст во 2015 година, кредитирањето забележа пад од 4% во 2016 година. Ова е индикатор дека склоноста на приватниот сектор да користи кредити за финансирање на инвестициските потфати се намалува, што е директна рефлексија на пролонгираната политичка криза која создава голема несигурност во приватниот сектор.
Како главен двигател на економијата, односно
одржувачот на растот на економијата во кризниот
период во Македонија, е градежништвото. Според
податоците на ДЗС, растот на градежништвото
изнесува 18.5% во 2016 година, што е шесткратно
повеќе од растот на БДП во целост за истиот период .
Растот на градежништвото е главно поттикнат од инвестициските активности на државата. Градежништвото во Македонија полека се приближува кон втората позиција во учеството на БДП, надминувајќи ги рударската и преработувачката индустрија заедно. Учеството на овој сектор во БДП изнесува 13% во 2016 и се израмнува со учеството на рударството и преработувачката индустрија заедно.
-Извештаите од ДЗС покажуваат негативни оценки на деловните тенденции во градежништвото, преработувачката индустрија и во продажбата на големо и мало. Во трите сектори се очекува намалување на вработувањата во наредните три месеци, што е веројатно предизвикано од неизвесноста поттикната од политичката криза. Несомнено, политичката криза повеќестрано влијае врз Македонската економија. Во овој контекст, Finance Think предвидува 3 сценарија за трендовите на Македонската економија во периодот што претстои:
Сценарио 1: Изнаоѓањето компромис околу формирањето нова влада помеѓу политичките партии и понатаму ќе биде отежнато. Во ситуација на формирање влада од која било партија или партии, неизвесноста ќе продоложи поради нестабилноста на таквата влада. Тоа ќе предизвика, до одредена мера, понатамошно присуство на неизвесноста и несигурноста кај приватниот сектор, и следствено продолжување на воздржаноста кај компаниите во планирање на своите тековни и идни инвестициски и развојни активности. Сепак, негативните ефекти врз економијата може благо да олабават поради тоа што ќе може да се води поактивна фискална политика (споредено со ситуација на техничка влада) и да се отпочнат одредени структурни реформи. Дополнително, некои инвестициски планови кај странските инвеститори може да се придвижат во позитивна насока. Во ваква ситуација, проекцијата на Finance Think за растот на БДП во 2017 година изнесува 3.1%. Растот за 2018 година се проектира на 3.6%
Сценарио 2: Формирањето влада може да се оддолжи најрано до есента 2017, или влада да се формира дури по одржување нови избори. Решение на политичката криза во третото тримесечје од 2017 година подразбира продолжување и зајакнување на неизвесноста во бизнис и институционалното окружување дотогаш. Воздржаноста на приватниот сектор за одлуки за инвестирање и потрошувачка ќе се засили, кредитирањето дополнително ќе забави, а и планирањето на отворање нови работни места ќе биде одложено. Моментално започнатиот тренд на намалување на инвестициската активност, проследен со индистриски и кредитни падови, ќе продолжи и ќе се влоши, правејќи го свртувањето кон позитивни трендови се` потешко и подолготрајно. Во ваква ситуација, ефектите врз растот ќе бидат значајно понегативни и проекцијата за растот на БДП би се движела надолно и до 2.3%. Потенцијалните позитивни влијанија од политичко решение во есента 2017 би се забележале дури во првата половина од 2018 година. Дури во втората половина од 2018 година ќе може бруто инвестициите да се стабилизираат без притоа да забележат пад, а воедно и кредитирањата кон приватниот сектор да почнат да се зголемуваат. Индустриското производство би забележало подобрување, првенствено со елиминирање на негативните стапки на раст. Исто така, БДП растот во 2018 би бил стабилизиран, со не многу големи поместувања надвор од рангот 2.5-3.0%.
Сценарио 3: Политичките партии, под засилен
притисок од меѓународната заедница, изнаоѓаат
робустно решение за политичката криза кон крајот
на месец март 2017 преку формирање стабилна
влада. Во ваков случај, можноста за стабилизирање
на Македонската економија и расчистување на
неизвесноста во бизнис окружувањето кон
средината на 2017 година ќе биде голема.
Позитивните влијанија би се забележале веќе во
третото тримесечје од 2017 година. Во овој период
се очекува дека падот во бруто инвестициите и
кредитирањето на приватниот сектор би прекинале
и би забележале стабилизација на трендот, а можно
е и благо позитивно придвижување, односно
забрзување на растот. Дополнително,
индустриското производство би ги стабилизирало
своите падови во повеќето индустриски гранки, и би
трасирало постабилен пат за раст до крајот на 2017
година. Со тоа, БДП растот за 2017 година би бил
благо над моменталната проекцијата на Finance
Think и би се движел во рангот од 3.1% до 3.5% за
2017 година, додека проекциите за 2018 година би
можеле да се движат и до околу 4%
