ФРОДЕМ:Иванов да не ги потпишува вчера укинатите одредби на Законот за Влада
Од ФРОДЕМ бараат претседателот, Ѓорѓе Иванов да не ги потпишува вчера укинатите одредби на Законот за Влада.
ФРОДЕМ го повикува Иванов да собере храборст и конечно барем малку да го покаже својот вербално деклариран патриотизам и во текот на денот да ја повлече неговата незаконска аболиција. Со вчерашните експресни измени на Изборниот законик и Законот за Влада со кој се разрешија министрите и дополнителните министри од опозицијата, за ФРОДЕМ де факто е кршење на Договорот од Пржино.
„Договорот од Пржино е мртов. Лицемерно и крајно дегутантно и вулгарно е образложението дека избори нема да се одржат и не се потребни министри и дополнителни министри од опозицијата. Ако е така, тогаш зошто е технички премиер за спроведување на избори? Целта е повеќе од јасна и морбидна. Се до одржувањето на изборите партиската криминализирана врхушка на ДПМНЕ, преку МВР и понатаму да ги заплашува граѓаните, да апси неистомисленици, да монтира нови политички случаи, да го контролира судството како и да ја оневозможи работата на СЈО. Од друга страна преку киндер министерот за труд и социјала и понатаму со државни средства да се врши манипулација со ранливите категории на граѓаните“- стои во реакцијата на ФРОДЕМ. Според ФРОДЕМ, вчерашнaта трагикомедија во Собранието на Македонија уште еднаш јасно го покажува вазалскиот и сервилен однос на ДУИ кон својот поголем коалиционен брат по политичко криминални бизнис интереси. „Овој чин е класична потврда на народната поговорка дека 'врана на врана очи не вади'. За реализација на т.н. сценарио 'за последен пат себе-спасувачка акција' најголема одговорност сносат првиот извршител на владата, сервилниот спикер Трајко Вељаноски и менично врзаните пратеници кои ставајќи се во улога на глувонема гласачка машинерија во целост го девалвираа начелото на поделба на власта. По којзнае кој пат го прекршија Уставот и законите на РМ и направија сериозни и несогледливи штети на државата и нејзините граѓани“ - велат од ФРОДЕМ.
Со својот начин на однесување и делување сите тие стануваат соучесници во злосторничко здружување за што ќе се соочат со сериозна кривична и материјална одговорност, додаваат од ФРОДЕМ.
