Француски државјанин поврзан со париските терористи уапсен во Бугарија
Французин, кого бугарските власти го уапсиле во обид да ја премине границата со Турција, бил во контакт со еден од напаѓачите во Париз минатата недела, соопшти денеска обвинителството во Софија.
„Фриц Жоли Жоакин (29), кој е уапсен на први јануари, неколкупати бил во контакт со еден од двајцата браќа, Шериф Куаши“, рекол обвинителот Дарина Славова.
Таа објаснила дека до контакт дошло пред Жоакин да ја напушти Франција на 30 декември, на само една недела пред нападот што го изведоа браќата Куаши.
За Жоакин најпрво била издадена потерница на барање на Франција поради обвинение поднесено од неговата сопруга дека го киднапирал тригодишниот син. Меѓутоа, Бугарија во понеделникот добила второ барање за негово апсење кое го издал судот во Париз.
„Обвинението се однесува на учество во организирана криминална група чија цел е организирање терористички дела“, истакнала Славова.
Француската полиција верува дека уште шест членови на терористичката келија, поврзани со неодамнешните напади во Париз, се наоѓаат во бегство, меѓу кои е и маж кој бил забележан во возило регистрирано на вдовицата на еден од напаѓачите.
Еден од полициските претставници рекол дека келијата се состои од 10 члена и дека е можно „пет или шест од нив да се во бегство“, не обелоденувајќи ги притоа нивните имиња.
Слично
