Франција се понуди за помош во спорот со Грција
Франција сака да помогне во побрзо наоѓање решение за проблемот меѓу Македонија и Грција, истакна францускиот претседател Франсоа Оланд за време на прес конференција во Брдо кај Крањ. Потенцирајќи ги добрите врски на Франција и Грција, Оланд посочи дека сепак прво треба да се исполнат условите кои се важни за секоја од земјите кандидати.
„ Првенствено тука мислам на реформите – политички, економски, институционални, како и реформите кои се однесуваат на владеењето на правото. Постои уште еден услов кој се однесува на целиот регион, а тој е регионална соработка и помирување. Тоа е она што вие се обидувате да го постигнете со овој процес“ рече Оланд кој рече дека сака да ја искористи можноста уште еднаш да ја нагласи поддршката за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата.
Според Оланд за секоја земја која сака да биде дел од ЕУ, терба да се завршат реформите, но потребни е и регионална соработка и помирување.
„Неопходно е земјите да направат се што е во нивна моќ за да ги надминат потешкотиите и недоразбирањата кои постојат меѓу нив. Доколку сакаме да дојде до она вистинско помирување во Европа, тоа ќе можеме да го постигнеме исклучиво ако се обидеме и вие и ние да ги вложиме сите наши напори Балканот да стане дел од ЕУ“, рече Оланд.
На регионалниот собир во Брдо кај Крањ учествува и македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.
Слично
