Економија, финансии, бизнис

Контакт

(ФОТО) Во реновираното Собрание ќе биде изложена копија од Рамковниот договор

(ФОТО) Во реновираното Собрание ќе биде изложена копија од Рамковниот договор
Копија од Охридскиот рамковен договор, потпишан на 13-ти август 2001-та година ќе биде изложена во витрините на реновираното македонско Собрание. Македонската информативна агенција (МИА) денеска објави фотографии за тоа како изгледа внатрешноста на законодавниот дом додека привршуваат работите на неговата реконструкција. Освен Рамковниот договор, во витрините на Собранието веќе се изложени и примерок од делото „За македонцките работи“ на К.П. Мисирков, како и други артефакти од македонската историја. Доградбата, надградбата, адаптацијата и зајакнувањето на зградата на Собранието се очекува да заврши до крајот на годината, изјави за МИА собранискиот архитект Билјана Ивановска. „Во надградбата на Собранието се направени шест сали за комисии и околу 80 канцеларии. Под двете мали куполи, коишто се над главниот влез, ќе има сали за една или за две комисии, ќе видиме. Работните тела ќе имаат многу подобри услови за работа од оние што ги имаат сега бидејќи со овие шест и уште четири што ги имаме ќе имаме десет сали. Комисиите подобро ќе работат без да се чекаат една да заврши друга да почне“, вели собранискиот архитект. Салите под куполите ќе имаат поинакво ентериерно уредување од останатите простории. Салата под големата купола е наменета за одржување меѓународни конференции или поголеми приеми. Таа има површина од шестотини метри квадратни. Куполата е изработена е од два вида стакло. Во долната зона има потемно стакло, во горна зона тоа е посветло и нивното спојување ја формира буквата „М“. Со реновирањето, законодавниот дом ќе влезе во категоријата на енергетско ефикасни објекти, со што се очекува да се обезбеди заштеда како при негово загревање така и при ладење. „Бидејќи сме се уште во градба, мораме прво да го завршиме целиот објект, па тогаш да се направи некоја пресметка што значи тоа за заштедата, но секако дека ќе има заштета и во затоплување и во ладење на објектот. Мислам дека ќе биде значаен, затоа што веќе се чуствува се промена“, вели Ивановска. Работите на објектот започнаа на 1 април 2010 година, главен изведувач е „Бетон“, а делот за зајакнувањето го работат експерти на ИЗИС.

Зградата на Собранието на Република Македонија е една од најмонументалните градби во Република Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање (на кој победил архитект Виктор Лукомски), а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак.

Фото: МИА

Слично

Поврзани вести