(ФОТО) ВЛАСТА СПРЕМА БАРОКНИ ФАКУЛТЕТИ: Ноќеска исечени 47 дрвја во паркот на УКИМ
„Каква иронија, одработувањето на Денот на Дрвото, започна во 2:30 пополноќ, со сечење на 47 дрва“, соопштија утрово студентите од Студентски пленум видно револтирани.
Паркот кој беше составен дел од од кампусот на УКиМ доживеа сеча поради изградбата на барокни факултети.
Од студентскиот пленум како доказ за сечата објавија и фотографии, а на социјалните мрежи веднаш се наредија бројни негативни коментари.
„Според наши сознанија, Сенатот никогаш не дал согласност за изградба на нови објекти во рамки на УКИМ и градењето на овие две згради е упад во универзитетската автономија, изјави пред медиумите Орхан Сулејмани од Студентски пленум.
После сечата местото почнало да се оградува со ограда.
Според достапните податоци двете нови згради за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и за Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) ќе бидат изградени во барок и ќе чинат 13 милиони евра.
Како што објави Фокус во мај, автор на идејните решенија е Жарко Чаушевски, кој е автор на најголем дел од зградите во проектот „Скопје 2014“, а двата нови барокни факултети ќе бидат сместени во зеленилото на кампусот факултети при УКИМ.
Министерството за образование и наука распиша тендер за да се избере изведувачот на градежните работи, а фирмите имаа рок до 6 јули да ги достават понудите.





