(ФOTO) СВЕЌИ И РОЗИ ЗА НАСТРАДАНИТЕ: Романија жали за загинатите во дискотеката!
Од денес Романија е во тридневна жалост поради фаталниот инцидент во кој загинаа 27 лица. Во текот на денот вчера десетици отидоа до местото на трагедијата, за да остават цвеќе и запалена свеќа, вклучувајќи го романскиот претседател Клаус Јоханис.
27 лица загинаа, а околу 200 се во болница откако пожар зафати дискотека во Букурешт. Огнот избувнал малку по полноќ за време на концерт на групата "Goodbye to Gravity".
Се смета дека пожарот е предизвикан од пиротехнички средствакои биле запалени во просторот, иако групата немала официјална дозвола за тоа. Сцената се запалила за секунди и пламените стигнале до таванот. Дрвената конструкција се урнала врз луѓето кои се задушувале од густиот чад.
Во дискотеката имало околу 400 лица. Локалот се наоѓа во подрумот на стара фабрика за чевли со два тесни излези. Во паниката започнале турканиците, при што многумина се повредени, а многу ги загубија своите животи на пат за излезот.
Ова е една од најстрашните трагедии, кои ја зафатија Романија во последните децении.
Илјадници Романци продолжуваат да се собираат во центрите за крводарување, за да им помогнат на повредените.
Сеуште тече проверка на документацијата на локалот - дали клубот имал дозвола да функционира како ноќна установа и дали имал дозвола од полицијата. Во Романија упатребата на огномет е забранета во затворени простори.



