(ФОТО) Судир меѓу полицијата и демонстрантите во Истанбул
Турската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите во Истанбул, кои се собраа во спомен на момчето кое почина откако беше повредено за време на демонстрациите во 2013 година.
Четиринаесетгодишното момче почина по долга кома на 11 март 2014 година, а неговата смрт предизвика протести низ целата земја.
На денешната прва годишнина од неговата смрт на местото каде Беркин Елван настрада, се собраа многу луѓе, носејќи во рацете слики од момчето. Подоцна толпата тргна кон гробот на Беркин, но полицијата не им дозволи да продолжат понатаму. Силите за безбедност употребија солзавец и водени топови за да ги растераат демонстрантите.
Полицијата интервенираше и на друг протест во Истанбул, кој се одржа на скалите кои водат кон паркот Гези, каде 10 лица беа уапсени.
Протести во чест на Беркин Елван се одржаа и во Анкара, каде што исто така се дојде до судири со полицијата и беа уапсени 11 лица, соопштуваат турските медиуми.




