(ФОТО) Собранието ја усвои оставката на премиерот
Од денеска престанува мандатот на целиот владин кабинет, а Владата останува во сила додека не биде избран нов владин состав. Ова следува откако денеска, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ја констатираше оставката на премиерот Никола Груевски и констатираше престанок на мандатот на владата.
Во оставката на премиерот што денеска беше на дневен ред во Собранието, стои дека таа ќе биде активна од стотиот ден пред одржувањето на изборите.
Премиерот рекол дека нема да ја образложи дополнително оставката.
По говорот на Вељаноски збор побара и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски.
Тој го повтори ставот на опозиционата СДСМ дека нема да учествува на избори без прочистен избирачки список и без регулирани медиуми.
„ Никола Груевски се плаши од фер и слободни избори, тој не сака прочистен избирачки список и не сака слободни медиуми. Граѓаните немаат корист од избори без претходно прочистен список и со медиумски мрак кој фамилијата сака да го користи за спас на својата кожа. За СДСМ не се прифатливи избори без прочистен избирачки список. СДСМ со сите демократски средства и заедно со граѓаните ќе се бориме за слободна и демократска Македонија “– рече Сугаревски.
По завршувањето на своето обраќање пратеничката група на СДСМ ја напушти седницата.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во 19:30 часот ќе го врачи мандатот за состав на Влада на Емил Димитриев.
