(ФОТО) ШТРАЈК НА СУДСТВОТО: Вработените излегоа на уличен протест
Точно напладне во масовен број вработените во судовите и јавната администрација ширум земјава го означија стартот на големиот протест низ скопските улици.
Тие ќе протестираат пред Собранието, пред Министерството за правда и крајна цел пред Влада.
По декемврискиот предупредувачки штрајк и молкот од надлежните во однос на нивните барања, од УПОЗ велат дека оваа одлука е очекувана. Освен законски измени, се бара и зголемување на платите за 5%, но и враќање на старото работно време.
Барања: законски измени и повисоки плати …
Вработените во судството стапуваат во штрајк. Од ресорниот синдикат УПОЗ информираат дека заедно со Здружението за судска администрација е одлучено штракот да се одржи на 23, 24 и 25 март а ќе биде проследен и со протест пред Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација кој ќе заврши пред Владата. Оваа одлука следува по повеќе месечниот молк на институциите, односно иако УПОЗ достави барање и предлог за измена на Законот за судска служба – повратен одговор од Министерството за правда досега немало.
“Синдикатот на УПОЗ и ЗСА беа трпеливи и во неколку наврати ги пролонгираа роковите дадените до надлежните органи со надеж дека ќе бидат прифатени. За жал наидовме на незаинтересираност за изнаоѓање заедничко решение иако по предупредувачкиот штрајк од 03.12.2015 година, Министерството за правда беше одржана работна средба со Министерот и заменик министерот за правда и Претседателот и заменик претседателот на Судскиот совет и беше ветена соработка и беше договорено формирање работна група, која подготви нов предлог текст на Законот за судска служба во кој беа опфатени сите предлози и забелешки на Синдикатот и ЗСА“, вели Пецо Грујовски, претседател на УПОЗ и објаснува дека подготвениот предлог текст на Законот веднаш бил предаден во Министерството за правда и било побарано итно разгледување на истиот, прифаќање на предлозите и отпочнување постапка за усвојување нов текст на Законот за судска служба. “Но, оттогаш до денес, Министерството за правда ги проби сите рокови и не се произнесе по предлозите “, велат од УПОЗ и ЗСА.
Посочуваат дека нивните барања се прецизни и се потпираат врз реална основа.
“Синдикатот на УПОЗ и ЗСА покрај веќе истакнатите барања за измена на Законот за судска служба со овој штрајк ќе побараат и зголемување на платите на вработените во судската администрација, исплаќање на зголемувањето од 5% на јавната администрација и враќање на работното време од 07:30 до 15:30“, велат синдикалците.

