ФОТО: Проверки во базата Инџирлик поради обидот за државен удар
Седуммина турски обвинители и повеќемина полицајци вршат проверки во военовоздухопловната база Инџирлик, во јужна Турција.
Ова е во рамки на истрагата за обидот за воен удар, јавуваат турски медиуми. Веста за влегувањето на полицијата во базата следува по наводите за „вмешаноста на САД во организирањето на пучот“. Се смета дека турско-американската база, во која има војници од неколку држави била користена за обидот за преврат во Турција, јави ДПА.
Турскиот командант на базата Инџирлик, Бекир Ерџан Ван беше уапсен вчера под обвинение за учество во обидот за преврат во земјата.
Засега нема информации за тоа какви операции се прават во базата, која беше топ тема во медиумите изминатите недели поради затегнатите односи меѓу Германија и Турција.
Инџирлик стана актуелна кога на германските официјални претставници им беше забрането да ги посетат своите војници, со оценка дека „НАТО базата не е место за политички посети“, а сето тоа по одлуката на Бундестагот да усвои деклерација за геноцидот врз Ерменците за време на Отоманската империја.
Имаше инфромации дека вратите на Инџилирк се отворени за Русија, односно за сите оние кои сакаат заеднички да се борат против ИД, чии позиции се цели на НАТО единиците, сместени во таа база.
Врз основа на договорот меѓу Анкара и Вашингтон, оваа база ја користи НАТО како складиште за американското нуклеарно оружје. САД ја користат базата и за извршување напади врз исламистите од ИД.


