(ФОТО) Општина Центар најави нов потпорен ѕид на градинката „Кочо Рацин“ за десетина дена
Општина Центар сериозно работи на расчистување на остатоците од потпорниот ѕид кој се урна во четвртокот, во раните утрински часови, во дворот на градинката Кочо Рацин – клон Панорама.
Надлежните во општина Центар ќе пристапат кон кршење на остатоците од ѕидот, дури и оној дел што е напукнат ќе се урне комплетно и веднаш ќе се пристапи кон изградба на нов, сериозно армиран потпорен ѕид со појаки темели.
Ако се оди според планираното и согласно временските услови, санацијата ќе биде извршена за десеттина дена.
Родителите се сигурни дека нивните деца се безбедни, а објектот во ниту еден момент не беше затворен за работа.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски беше категоричен во изјавите дека ќе се стави крај на урбаното дивеење на Водно.
Ова веќе тринаесет години ја доведува во опасност стабилноста на мегаломанските објекти и сигурноста на жителите.
Општина Центар веќе стапи во контакт со катедрата за геомеханика при Градежниот Факултет во Скопје, за да се изработи студија за геомеханичката стабилност на областа Тасино Чешмиче, а од ИЗИС ќе се побара анализа за носивоста и за живоста на земјиштето.




