(ФОТО) ОПАСНОСТ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Одроните во Истибања ги плашат граѓаните
Речиси повеќе од една година големи крапи им висат над глава на возачите кои патуваат по една коловозна лента од Кочани кон Македонска Каменица.
Во февруари лани кај Истибања свлечиште турна голем одрон при што патот беше целосно во прекин неколку недели, а карпи и камења на истото место стојат и ден денес.
Возилата по овој патен правец кој воедно го поврзува истокот со соседна Бугарија се движат но со намалена брзина од 30 километри на час.
Страв при секое поминување од големата карпа дека може да им падне врз возилата кои поминуваат од тука има кај речиси секој возач.
„Јас сум од Бугарија и го користам овој пат. Кога се свлече земјиштето бев меѓу првите кој го виде тоа. Се вратив 4 километри назад со камион, оти мислев дека целата планина се свлече“, изјави патник од Бугарија кој денеска го затекнавме на ова место.
Страв и кај локалното население.
„Надлежните преземаа многу мала акција во однос на ова свлечиште. Одблокираа една лента за да може да помине едно возило, а одроните дел ги раскренаа а дел останаа од спротивната страна. Веќе година и половина како оваа голема карпа е предизвик за нас, возачите од Делчевско“, раскажуваат други возачи.
Додаваат дека секој ден кога патуваат на работа во Штипско, се плашат карпата да не им се урне врз глава, упатувајќи апели до надлежните служби да дејствуваат додека не се случила трагедија.
Од „Македонија пат“, во однос на овој патен правец и ова прашање велат во овој период не вршат чистење на одрони .
„Магистралниот пат воведен е во работа ГП Гранит - Скопје и ЈП Државни патишта, и затоа во овој период не вршиме чистење на одрони“, посочија од оваа институција во краткиот одговор до нашиот портал.
Како што може да се забележи од фотографиите не е поставена ниту соодветна сигнализација која ќе ги предупредува возачите на внимателност.
Се поставува прашањето: Дали свлечиштето треба да однесе жртви, па да се реагира?
ФОТО:ФАКТОР
И.С.






