(ФОТО) НОВАТА ВЛАДА МОРА ДА ГИ ПОПРАВИ ГРЕШКИТЕ: Ципрас положи заклетва за премиер!
Лидерот на левичарската Сириза Алексис Ципрас положи синоќа заклетва како премиер, бидејќи ден претходно неговата партија ја однесе победата на вонредните парламентарни избори во Грција.
Ципрас така го започна вториот мандат, а заклетвата ја положи на граѓански начин, што отскокнува од вообичаената пракса тоа да се прави во присуство на свештени лица.
Во Грција црквата не е одвоена од државата и обично премиерите се заколнуваат на Евангелието дека ќе ги почитуваат Уставот и законите на Грција и ќе им служат на интересите на народот.
Ципрас , кој е атеист, заклетвата ја положи пред претседателот на Грција Прокопис Павлопулосм.
Сириза во неделата на изборите освои 35,47 одсто од гласовите или 145 пратенички места во парламентот со 300 членови, а Ципрас веќе соопшти дека владеачка коалиција ќе формира со досегашниот коалиционен партнер, крајната десничарска партија Независни Грци , која добила 3,69 одсто гласови и 10 места во парламентот.
Се очекува составот на новата влада да биде познат уште утре.
Новата грчка влада мора да ги поправи грешките и слабостите кои се покажаа во последните седум месеци за време на коалиционата влада, вели лидерот на Сириза Алексис Ципрас.
-Гласачите ни дадоа јасен мандат да продолжиме обединети со цел на длабоки промени и реформи, како и извлекување на земјата од кризата - рекол Ципрас, пренесува грчката агенција АНА, повикувајќи се на неименувани извори од Сириза.
Првата цел е целосно воспоставување на стабилноста на економијата и оперативноста на банките, наведува Ципрас.
Тој рекол дека сите европски држави би требало повеќе да се потрудат во решавање на бегалската криза, како и дека ЕУ не доволно им помогнала на земјите кои се најмногу погодени од приливот на бегалци.
-Грција е првата земја членка а Европа, за жал, не презеде чекори да ги заштити земјите членки од бранот на мигранти, кој достигна неконтролирани размери-вели Ципрас.
-Европа треба да се избори со глобален, европски проблем, и да ја сподели одговорноста меѓу сите држави членки-додал тој.



