(ФОТО) НБРМ го усвои идејното решение на новите книжни пари од 200 денари
На денешната прва седница на Советот на Народната банка беше усвоена и информацијата за идејното решение на новите книжни пари од 200 денари.
Од НБРМ велат дека носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е релјефот којшто им припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едни од најзначајните раносредновековни откритија на територијата на Република Македонија. На истата страна, во централното лево поле е прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, а е пронајдена во околината на Прилеп.
На задната страна на оваа банкнота е претставен архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на „Шарената (Алаџа) џамија“ во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Република Македонија, надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата „Исак џамија“ во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.
На денешната седница Советот, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек кована пара за колекционерски цели „Овен“, од серијата „Хороскопски знаци“. Кованата пара „Овен“ ќе биде издадена со апоен од 10 денари во 7000 парчиња.

