Економија, финансии, бизнис

Контакт

(ФОТО) Македонските инвестициски можности претставени на бизнис форум во Јапонија

(ФОТО) Македонските инвестициски можности претставени на бизнис форум во Јапонија

Премиерот Никола Груевски и владината делегација која е на турнја низ азиските земји, на бизнис форумот организиран со групацијата Фајненшл Тајмс, ги презентираа можностите за инвестирање во Македонија.

На форумот присуствуваа менаџери од над 60 компании, претежно од областа на автомобилската индустрија, роботиката, хемиската индустрија, енергетиката, како и претставници на инвестициски фондови.

Груевски во своето обраќање истакна дека Македонија е „земја која нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, има најнизок даночен пакет, поволна и образована работна сила, прави голем дел на реформи во намалување на процедурите за бизнисмените и создава добра бизнис клима“, и дека „тој факт резултира во последно време со одлуки на голем број на компании да отворат капацитети во Македонија или да ги прошират постоечките“.

Тој ги повика јапонските бизнисмени добро да ги анализираат податоците и поволностите и да ја внесат Македонија во своите планови за ширење на капацитетите во Европа.

„Многу глобални компании дојдоа во Македонија и отворија нов бизнис, изградија капацитети и започнаа производство. Најголем дел дојдоа од САД, Велика Британија и Германија. Знам дека најголем дел од компаниите од Јапонија кои одат во Европа, одат во Германија или Велика Британија. Добра информација за вас е дека многу компании од Германија и Велика Британија доаѓаат во Македонија, па размислете за овој факт и посетете ја Македонија да се уверите во добрите услови за водење бизнис за кои зборувам“, истакна премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните.

„Имавме добра посетеност и очигледно од она што го слушнаа сметаат дека може да ја искористат Македонија како порта за европскиот пазар, да го пласираат својот бизнис во Македонија и оттаму да продаваат во Европа на пазар од 660 милиони потрошувачи“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Јапонските бизнисмени позитивно ја оценија презентацијата на македонскиот владин тим, а некои од нив изјавија дека ќе ја посетат Република Македонија.

„Во август ќе предводам делегација од 10 бизнисмени во Македонија, ќе престојуваме една недела, и сакам да иницирам бизнис во Македонија, заинтересирани сме за медицинскиот туризам“, изјави Јуро Нагакава, претседател на Јапонската бизнис асоцијација.

„Задоволен сум од она што го чув на презентацијата и после овој настан можам да кажам дека голем дел од присутните ќе се заинтересираат за Македонија. Данокот на добивка е 10% и е многу компетитивен, а и Владата е фокусирана и поттикнува странски директни инвестиции“, изјави Хидејуки Такемура од јапонската компанија „Фуџикура Ентерпрајз“.

Економскиот дел од владината посета на земјите на азискиот исток продолжува со бизнис форум кој ќе се одржи во Сеул, главниот град на Република Кореја.

Слично

Поврзани вести