Економија, финансии, бизнис

Контакт

Автомобилскиот гигант BMW дигна раце од Македонија? (Фото)

Автомобилскиот гигант BMW дигна раце од Македонија? (Фото)
Маккар, официјалниот дистрибутер за автомобилите на BMW за Македонија, веќе не работи. Седиштето на оваа компанија е затворено и веќе напуштено, иако на него се уште се наоѓаат ознаките на некогашниот ексклузивен увозник за BMW, MINI и Land Rover во земјава. Од централата на германскиот автомобилски гигант BMW во Минхен, за Фактор потврдуваат дека Маккар веќе не е дистрибутер за нивните автомобили, а нов - нема.
„Договорот за увоз со Маккар Балфинко истече и не беше обновен со заемна согласност. Ќе го објавиме новиот увозник за BMW и MINI во Македонија кога ќе дојде време“, изјави за Фактор Ирмгард Арсеншчек, портпарол на Групацијата BMW за Африка, Карибите и Источна Европа.
Во германската компанија, за сега не сакаат да прецизираат кои се причините за непродолжувањето на соработката со македонскиот дистрибутер. Од македонската компанија, пак, до сега официјално не информирале дека веќе не се застапници за брендовите. Интернет страницата на Маккар и Фејсбук профилите на кои се рекламираат овие возила и натаму се активни, меѓутоа на нив нема никакви информации кои ќе ги известат корисниците за настанатата промена. Маккар ДОО беше ексклузивен увозник на BMW, MINI и Land Rover во Македонија. Компанијата Маккар ДОО беше основана во 1996-та година како 100% странска инвестиција, а основачките компании се: Balfinko LLC, Niborio Shiping LLC, Akianna Enterprises LLC и Danis Enterprises. Во неа работеа околу 30-тина вработени. Освен македонскиот пазар за трите бренда, Маккар го покриваше и пазарот на Косово за брендовите BMW и MINI. Компанијата имаше голем салон во Скопје - Маккар центарот е распространет на површина од околу 5.500м2 со двор од 1.000м2. Се состои од два дела кој се поврзани меѓусебно на простор со вкупна површина од 4.600м2, од кои 3.800м2 користеше салонот за BMW, а остатокот беше салон за MINI. Дополнително, компанијата поседуваше уште ден салон во центарот на Скопје за автомобилите на Land Rover, но засега нема подетални информации што се случува со дистрибуцијата на овој бренд. Со одлуката на Маккар и BMW да ја прекинат соработката по истекот на заедничкиот договор, на мака се најдоа и клиентите во Македонија, кои велат дека сега немаат никаква информација каде да ги носат купените автомобили на овластен сервис или кому да се обратат за проблеми со возилото. Билјана Арсовска фото: ФАКТОР
Слично

Поврзани вести