ФОРБС: Кои се најбогатите Балканци и Македонци?
Магазинот Forbes ја објави листата со најбогатите светски милијардери за 2016 година.
Меѓу нив се и најбогатите луѓе од регионот и Македонија.
Во Македонија, Forbes вели дека на врвот е Јордан Камчев, сопственик на Орка Холдинг, со 238 милиони долари вредно богатство. Втор е Минчо Јорданов, сопственик на Макстил со 234 милиони долари.
Најбогатиот македонски нерезидент е Мајк Илиќ, основач на фаст-фуд франшизата Little Caesars, сопственик на Detroit Red Wingsa, NHL тим и Detroit Tigers тимот од MLB, со богатство од 6,1 милијарди долари.
Најбогатиот човек во Србија е Филип Цептер, чие богатство вреди пет милијарди долари. Тој е основач на компанијата Zepter International, а иако не живее во Србија, има државјанство.
Меѓу најбогатите во Србија е и Миодраг Костиќ, сопственик на MK Grоup со богатство од 540 милиони долари, и Мирослав Мишковиќ кој располага со 520 милиони долари.
Во Хрватска најбогато е хрватско-чилеанското семејство Луксиќ. Тие поседуваат богатство од 15 милијарди долари.
Зад нив е австро-хрватскиот милијардер Дитрих Матешиќ, сопственик на Red Bull, со богатство од 13,4 милијарди долари.
Потоа е Ивица Тодориќ, сопственик на Agrokor, со 499 милиони долари и Емил Тедески, сопственик на Atlantic Group, со нето богатство од 208 милиони долари.
Најбогати во Босна и Херцеговина се Кенан и Дамир Хастор, кои го наследија Prevet i ASA Group од таткото Нијаз и располагаат со 412 милиони долари. Зад нив е Изудин Ахметиќ, сопственик на HIFA Group, со имот од 364 милиони долари.
Во Словенија најбогати се Иза и Само Логин. Тие стекнаа богатство од апликацијата Talking Tom Cat. Тие располагаат со 700 милиони долари, а зад нив е Јол Печечник, сопственик на Ineterblock, со богатство од 266 милиони долари.
