ФООМ: Поддршка за ублажување на социо-економските последици од влијанието на Ковид-19 за најранливите групи граѓани
Кризата предизвикана од епидемијата на КОВИД-19 сериозно ги погоди сите сегменти на општеството и сите граѓани, но сепак диспропорционално поголем ефект и штета се предизвикани кај обесправените групи, жените и маргинализираните заедници. Со цел да се ублажат социо-економските последици од влијанието на Ковид-19 за ранливите групи, Фондацијата Отворено општество - Македонија обезбеди 148.000 долари локална поддршка преку регионалниот проект „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи, нископлатените работници, работниците од неформалната економија и повремено вработените“.
Проектот се спроведува во земјите од Западен Балкан, со поддршка од Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 на Фондациите Отворено општество. Проектот има за цел да даде свој придонес кон подоброто разбирање на ефектот од владините политики врз ранливите групи, а преку спроведените активности да придонесе за ублажување на социо-економските последици за нив.
Воедно, проектот ќе промовира подолгорочни мерки за ублажување на ефектите и ќе тестира и развива нови модели и иницијативи за развој во регионот, конкретно за вработување на лицата од ранливите групи. Локалната грант-поддршката за трите здруженија и трите тинк-тенк организации, преку спроведените активности во рамките на проектот, ќе овозможи директна поддршка за организациите кои ги застапуваат ранливите категории граѓани, за да креираат конкретни модели и интервенции за заштита од последиците од кризата и да стимулираат вработување, како и директна поддршка на ранливите групи граѓани.
„Ќе се овозможи и анализа на реалната социо-економска состојба, со што ќе се овозможи следење и
креирање јавни политики кои се темелат на факти, како и обезбедување неутрални и
независни препораки за владата, опозицијата, медиумите и за јавна дебата; потоа подобрување на капацитетите за застапување на здруженијата, но и на најранливите
групи, со што ќе се овозможи нивно директно влијание врз креирањето на
долгорочните политики, и придонес кон формирањето регионална платформа за јавен дијалог за да се
дискутира за ефектите од кризата врз економските сектори и да се изгради стратегиска
визија за развојот на земјите од Западен Балкан по завршувањето на кризата со Ковид19.
Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија се залагаме за достоинство за сите
граѓани подеднакво и продолжуваме и натаму брзо и флексибилно да реагираме на сите
закани за отвореното општество, стои во соопштението од Фондацијата.
