Фондот за депозити нема да обесштетува над 30.000 евра. Законот уште е на сила, работиме по него, велат за Фактор
Фондот за осигурување депозити ќе продолжи да ги исплаќа осигурените депозити на штедачите до 30.000 евра приоритетно и понатаму. Велат дека нема промена во законот и тие ќе работат по актуелниот Закон за Фондот за осигурување на депозити. Денеска Уставниот суд го укина членот 163 од Законот за банки кој предвидуваше штедачите кои имаат сума до оваа во банка која оди во стечај да имаат приоритет во исплатите на обесштетувањата. Од Фондот очекуваат инструкции и известувања од институциите.
„Наша задача по закон е да ги исплатиме тие до 30.000 евра како што правиме и во Случајот на Еуростандард банка. Тоа е наша основна цел односно осигурување и исплата на депоненти со право на обесштетување. Не коментираме судски одлуки, Законот си е на сила и Фондот продолжува да работи како и досега, велат од Фондот за осигурување на депозити.
Членот 163 од Законот за банки го оспори адвокат по барање на здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка. Одлуката е објавена на веб-страницата на Уставниот суд, по одржување на денешната седницата, само еден месец откако Судот одлучи да поведе иницијатива за оценување на уставноста.
Со оваа одлука ќе треба да престане примената на овој член од Законот, односно побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити, нема да се исплаќаат пред побарувањата на другите доверители.
Во членот 163 од Законот за банките за кој Уставниот суд поведе постапка, се пропишуваше:
(1) Со денот на отворањето на стечајната постапка престануваат побарувањата на физичките лица од банката во стечај по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозитот во согласност со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
(2) Пред исплатата на доверителите од стечајната маса се издвојува дел на средства за трошоци на постапката, вклучувајќи ги и трошоците на банката која ги презема работите со влоговите во банка од банката во стечај.
(3) Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.
