Фокландите, борба за народот или за нафтата?
Минатата недела се одржа референдум со кој жителите на Фокландските Острови одлучија да останат дел од Велика Британија. За оние кои не се запознаени да кажеме дека овие острови се наоѓаат во Јужна Америка (нема ни потреба да ви објаснуваме колку се тие далеку од Велика Британија).
Ќе погодите дека Британците благодарение на моќта која ја имале во 19 век ги присвоиле овие острови кои до ден денеска не ги даваат. Во далечната 1982 година дури имаше и краток, но сериозен судир помеѓу Аргентина и Британија кој резултираше со 900 жртви на двете страни. Резултатот на тој судир е што Фокландите се сеуште под Британска управа. Британија тогаш ја имаше Маргарет Тачер за премиер и оваа војна и помогна да ја потврди својата репутација на железна дама.
Проценките велат дека околу Фокландите има 60 милијарди долари на нафта. Сеуште недокажано, но со оглед на тоа дека владата на Британија која ја контролира оваа територија доколку ова тврдење се покаже како точно треба да инкасира скоро 170 милијарди долари на основ на даноци и други давачки, веќе ова станува интересна територија која вреди да се брани по секоја цена. Инаку само за споредба вкупните приходи од даноци во Аргентина изнесуваат 120 милијарди долари.
Нафтата на Фокландите без дилема ја има, прашањето е само колку. Инаку во договор вреден 900 милиони долари две големи компании веќе работат на ескплатација на 300 милиони барели докажи нафтени резерви во басенот, околу Фокландите. Колку ќе најдат во наредниве години ќе покаже времето, во меѓувреме Британците ќе се држат до приказната за грижата на народот, а Аргентинците околу тоа дека тоа е нивна територија низ векови и векови.
