„Флајдубаи“ од октомври почнува и со летови за бизнис-класа
Нискотарифниот авиопревозник од Дубаи, „Флајдубаи“, денеска го објави почетокот со работа на бизнис-класата и услугите поврзани со неа.
Како што соопшти компанијата, во август ќе го добие првото летало со кабина за бизнис-класа.
„Воведувањето на бизнис-класата ќе обезбеди поголем избор за нашите патници кои ќе имаат пристап до побрзи сервиси за чекирање, удобни и широки седишта и ќе можат да уживаат во разновидното мени инспирирано од интернационалните кујни за време на летот“ – објаснува извршниот директор на „Флајдубаи“,Гаит Ал Гаит.
Според него, компанијата ја донела одлуката по внимателно следење и почитување на барањата на патниците од својата мрежа, која опфаќа 60 дестинации.
Бизнис-кабината има 12 седишта од мека италијанска кожа со потпора за грбот. Системот за забава ќе има екран на допир со висока резолуција и со ширина од 30 сантиметри. Тој ќе нуди над 900 часа филмови, музика и видеоигри.
„Флајдубаи“ лани во октомври првпат ја поврза Македонија со Обединетите Арапски Емирати, неодамна го зголеми бројот на летови од Скопје до Дубаи од два на три неделно. Тие сега се одвиваат во понеделник, четврток и во недела.
