„Фискална во рака – награда без мака“ – ново извлекување на 27 јануари
Второто извлекување од наградната игра „Фискална во рака - награда без мака“ ќе се одржи на 27 јануари, а главната награда овојпат ќе биде автомобил „Фолксваген Поло“.
Министерството за финансии ќе постави пунктови за предавање на ковертите со 20 фискални сметки низ маркетите и поголемите трговски центри низ цела Македонија.
Освен ова, по цена од 8 денари, Македонски пошти пуштија во употреба две посебни поштенски марки за наградната игра на Министерството за финансии. Ова, според надлежните се прави со цел да се намалат трошоците на граѓаните кои решиле да испратат писма за играта. Цената на стандардна поштенска марка изнесува 16 денари.
„Имајќи во предвид дека поголемиот дел од писмата се испраќаат преку Македонски пошти, ние и нашето Биро за филателија, во договор со Владата на Република Македонија подготвивме поштенски марки кои се наменети за наградната игра и ќе можат да се користат само за тоа. Но, тоа што е поважно за граѓаните кои сакаат да учествуваат во наградната игра е дека Македонски пошти одлучија да ја намалат цената на овие поштенски марки за 50 отсто“, рече Рафиз Алити, директор на Македонски пошти.
Слично
