Фирмата што ќе ја реконструира Универзална го доби милионскиот тендер и за Турскиот театар: Кој прави фасади за над 5 милиони евра
Фирмата Универзал Балкан ДООЕЛ го доби милионскиот тендер за изведба на фасада и за облагање на кровот на Турскиот театар во Скопје. Ова градежно проектантско трговско друштво треба да ја заврши работата за безмалку 3,8 милиони евра, а договорт го добива заедно со уште еден изведувач – штипското друштво за градежништво, инженеринг и трговија „Актива“. Толку пари ќе им префрли Националната установа Турски театар.
Договорот е склучен вчера, а според одредбите станува збор за рамковна спогодба која трае три години, период во кој треба да се заврши објектот. Истата фирма годинава ја ангажираше и Град Скопје, кој за реконструкцијата на фасадата и кровот на Универзалната сала треба да и исплати речиси 1,8 милиони евра.
Универзал Балкан ДООЕЛ инаку стои како носител на набавката во системот за јавни набавки, а компанијата од 2008 година наваму извршувала објекти на јавни установи само два пати и тоа се само овие две, фасадите и кровот на Универзална сала и на Турскиот театар. За овие два ќе изврши работи вредни околу 5,8 милиони евра.
Во случајот со Турскиот театар во договорот е предвидено да се објавуваат поединечни јавни набавки за сите работи, сите со суми кои не треба да ја надминат рамковната.
Турски театар е инаку проект на Владата, а сопственик е Националната установа Турски театар. Изведувачот треба да направи три типа фасадни облоги, додека кровните површини ќе се реализираат на три нивоа. Треба да бидат применети два типа на кровни обвивки, а тоа се зелен кров и кров со лим. Во договорот се наведени сите детали за тоа како треба да се направат овие работи.
Инаку договорот кој град Скопје го склучи со Универзал Балкан беше објавен во јуни годинава. Компанијата повторно се јавува со штипскиот изведувач Актива. Тој договор вреди близу 1,8 милиони евра.
А.Т.
