Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мал акционер преку ноќ стана најголем сопственик на акции во „Македонијатурист“

Мал акционер преку ноќ стана најголем сопственик на акции во „Македонијатурист“

Фирмата Поливерзум Дооел Скопје стана најголем акционер во хотелско-угостителската компанија „Македонијатурист“, откако денес за тоа беше известено како информација на Македонска берза.

„Поливерзум“ претходно поседувал само мал број на акции, а сега е сопственик на 100.960 обични акции и зафаќа учество од 22,32 отсто од акционерската структура.

- Истовремено известуваме дека акционерот Друштвото за производство, трговија и услуги Поливерзум ДООЕЛ увоз-извоз Скопје се стекна со дополнителни 93.317 обични акции и сега поседува вкупно 100.960 обични акции односно 22,32% од вкупниот број на обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје, објавено е денес на берзата.

„Поливерзум“ е основана во 2019, во сопственост на Баки Ајдин и основна дејност неспецијализирана трговија на големо, а седиштето е во Гази Баба. Во 2025 остварил приходи од 114 милиони денари и добивка од 73 милиони денари.

Во петокот беше објавено како информација на Македонска берза дека во две блок-трансакции од Македонијатурист биле купени 82.450 акции за 16 милиони евра и 10.587 акции за околу 2 милиони евра. Вкупниот процент на купените акции е 20,57 отсто.

Истовремено на Македонска берза е објавено и дека „Промедика“, како еден од акционерите кои досега поседуваше над 5 отсто од акциите, ги продал сите свои акции и дека повеќе нема учество во акционерското друштво.

- Согласно член 38 став 2 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Друштвото за трговија, производство и услуги Промедика ДООЕЛ Скопје продаде 53.844 обични акции и повеќе не поседува акции во Македонијатурист АД Скопје, соопштено е на берза.

А.К.

Слично

Поврзани вести