Економија, финансии, бизнис

Контакт

Фирма на Минчо Јорданов го продаде својот удел во агрокомбинатот Градско за само 16 денари по акција

Фирма на Минчо Јорданов го продаде својот удел во агрокомбинатот Градско за само 16 денари по акција

Репро Оне Лимитед, оф-шор компанија со седиште на Британските Девствени Острови, во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов се повлече од сопственоста во агрокомбинатот Вардар АД Градско со продажба на својот удел по цена од 16 денари по акција.

На почетокот на март Репро Оне Лимитед го продал својот удел од 23,72 отсто за вкупна сума од 5.254.256 денари, односно само за 85.000 евра, беше објавено на Македонска берза. Останатиот дел од сопственоста останува на Грининг Доо Скопје.

Нов сопственик на уделот во еден од најголемите агрокомбинати во земјата, како што е прикажано преку Централниот депозитар, е „Пан Интерком“. Сопственик на оваа фирма е извесна Катерина Србиновски, а управител Градимир Панчиќ, двајцата од Скопје. Приходите во 2025 изнесувале 200.000 евра, добивката била минимална а фирмата имала само еден регистриран вработен. 

Репро Оне Лимитед е  фирма која ја поседуваше градежната компанија „Бетон“, која во меѓувреме западна во стечај“, како и „Факом“, друштво за изработка на конструкции, од каде што за 2024 беше прикажана голема загуба.

Основната дејност на Вардар АД Градско е производство на храна и суровини за преработувачката индустрија. Конкретно се занимава со производство на житни и индустриски култури, градинарство, овоштарство и лозарство, сточарство, доработка на семенски материјал, оранжерии. Вардар АД Градско е голем производител на земјоделски и сточарски производи, со сопствено земјиште, механизација и производство како еден од класичните агрокомбинати во Македонија.

Агрокомбинатот ја поседува и биогасната централа на Вардар Био Процес во Градско како рентабилен производител на електрична енергија.

А.К.


Слично

Поврзани вести