Финансиското разузнавање го следи „Актор“, ја обвинија СДСМ дека ја попречува истрагата
Управата за финансиско разузнавање навремено, уредно и согласно ингеренциите, ги има преземено сите мерки, активности, процедури и дејствија во врска со случајот „Актор“, стои во соопштението што Управата го испрати денеска до медиумите, три дена откако опозицијата започна да алармира за сомнителни трансакции од грчката градежна компанија што работи на автопатот Демир Капија - Смоквица кон приватни сметки.
„Иако од страна на институциите се преземени сите дејства до оваа фаза, мораме да истакнеме дека изнесувањето на определени информации во врска со овој случај во јавноста и со манипулацијата на тие информации во дневно политички цели свесно или не, се прави штета за одвивањето на целиот случај по повеќе основи, кои може да ја загрозат целокупната постапка и истрага и да го отежнат прибирањето на факти, докази и аргументи во врска со случајот во понатамошните негови фази“, се предупредува во соопштението.
Управата тврди дека уште од 11 ноември лани бил отворен предмет за испитување на овој случај и континуирано се вршат проверки за обезбедување факти, докази и аргументи. Истражните органи бараат од секој општествен субјект да покаже општествена одговорност и да се воздржува од објавување на сензитивни информации во јавноста само заради свои политички цели.
„Во најмала рака доколку тие чувствувале вистинска загриженост требало да се обратат до институциите најпрво, а не да се обидуваат да предизвикуваат евтин сензационализам преку лиферување на информации, кои можат да ја загрозат истрагата“, стои во соопштението.
Слично
