Финансиските приходи на МРТ годинава помали за 32 отсто
Одобрен е финансискиот план на МРТ за годинава.
Македонска радио телевизија за годинава ќе има 822.500.000 денари финансиски приходи или 32 отсто помалку во однос на минатогодишните.
Планот денеска помина на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија. Од планираните приходи, од државниот Буџет се обезбедени 700 милиони денари или 0,5 отсто од Буџетот на РМ.
Претставничката на Програмскиот совет на МРТ Смилка Јаневска Саркањац кажа дека можно е парите од Буџетот да се зголемат на 0,7 отсто, но се уште нема официјална потврда.
Според неа, расходите се усогласени со приходите при што трошоците за вработените изнесуваат 391.050.000 денари. За набавка на опрема и техника како еднократен трошок треба да бидат наменети 1.800.000 евра, а 1.200.000 евра за нови вработувања и за останати трошоци по тој основ.
