Финансиите си го прават своето, Бугарите ќе летуваат во домашните туристички центри
Во Бугарија секој четврти граѓанин нема пари за одмор, а секој трети ќе остане дома во текот на летото.
Ова се резултатите од истражување направено од Провидент фајненшел Бугарија и ГФК, пред два месеци за финансиските навики на луѓето.
Анкетирани се 9.220 луѓе во Бугарија, Романија, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка и Латвија, Мексико. Од испитаниците 532 се Бугари.
Според податоците, 36% од Бугарите не се сигурни како ќе си го финансираат одморот, 25% немаат пари за патувања, 23% ќе си ги искористат заштедите за летен одмор, 14% размислуваат да земат кредит и само 2% се двоумат дали да земат заем од семејството или од пријатели.
Од испитаниците 35% се изјасниле дека ќе одмораат во земјата, 31% нема да одат никаде, 25% уште не си го планирале одморот, а скоро 2% ќе одмораат во странство.
Податоците говорат дека 69% немаат заштедено пари, а една четвртина се плашат дека може да останат без работа.
Скоро 42% од Бугарите позајмуваат од компании за брзи кредити секоја година, 27% земаат на секои шест месеци, а 15% од 7 до 15 месеци. И покрај тоа, над половината Бугари се позитивно настроени за сопствените финансии за следната година.
Според бугарските медиуми, од 2010 година па наваму Бугарите летото претежно го поминуваат во својата земја поради немање на средства за одмор во странство.
